🎥 ХУТИТЕ ГО ЗАЗЕДОА ЦЕЛИОТ ЈЕМЕНСКИ БРЕГ ЗА САМО 18 ЧАСА Војната е на ново ниво, го контролираат пловниот пат кон Црвеното Море

Со овој успех Хутите ѝ нанесоа голем удар на владата на Јемен, поддржана од Саудиска Арабија. Аналитичарите го нарекуваат овој потег најзначаен регионален развој откако САД и Израел му објавија војна на Иран на 28 февруари.

1

Хутите од Јемен го подигнаа својот конфликт со Саудиска Арабија и Израел на ново ниво откако синоќа го зазедоа целиот јеменски брег на Црвеното Море и стигнаа до клучниот теснец Баб ел-Мандеб.

Со овој успех Хутите ѝ нанесоа голем удар на владата на Јемен, поддржана од Саудиска Арабија. Аналитичарите го нарекуваат овој потег најзначаен регионален развој откако САД и Израел му објавија војна на Иран на 28 февруари.






Корените на конфликтот со Ријад датираат од 2004 година, кога шиитското движење Ансар Алах, познато како Хути, првпат се крена со оружје против тогашниот јеменски претседател Али Абдула Салех и кога ја обвинија Саудиска Арабија дека ги финансира и ги насочува неговите репресии врз нивната заедница во северната покраина Саада.

Кога Хутите го искористија бранот на незадоволство од корупцијата во 2014 година и го освоија главниот град Сана, принудувајќи го претседателот да избега во градот Аден, Саудиска Арабија влезе во војната на чело на коалиција од арапски држави, официјално со цел да ја врати признатата влада на власт, но всушност поради стравот од иранско упориште на нејзината јужна граница и желбата да обезбеди контрола врз Баб ел-Мандеб, кој е клучен извозен коридор, за сопствената нафта.

Таа војна остана во застој цела деценија, и покрај примирјето од 2022 година, а сегашната ескалација претставува нејзино најинтензивно продолжение.

Го освоија брегот за 18 часа

Вториот конфликт, оној со Израел, има различно потекло.

Речиси од основањето на движењето во деведесеттите години, Хутите го усвоија слоганот познат како „ал-Сарха“ (Крик) – „Бог е најголем, смрт за Америка, смрт за Израел, проклетство за Евреите, победа за исламот“ – како дел од поширока антиимперијалистичка и антиционистичка идеологија блиска до иранската револуционерна реторика, но до 2023 година овој слоган остана во голема мера симболичен.

Тоа се промени откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, а Тел Авив ја почна војната во Газа, кога Хутите почнаа да испукуваат ракети идронови кон израелскиот пристанишен град Еилат и да напаѓаат бродови во Црвеното Море, со тврдење за солидарност со Газа.

Во текот на следните месеци, тие го погодија Тел Авив со една ракета што уби едно лице, додека другите ракети беа пресретнати од израелската, американската и од француската воздушна одбрана.

Моделот се повторуваше во бранови, при што прекинот на огнот во Газа во октомври 2025 година привремено ги смири нападите, но борбите меѓу Израел и Иран, кои повторно избувнаа оваа година, ги натераа во јуни Хутите да ја обноват својата блокада на бродовите поврзани со Израел, влечејќи го јеменскиот конфликт подлабоко во пошироката регионална војна.

Овие два фронта сега се испреплетени: искуството и оружјето стекнато во војната со Израел и нападите врз бродови во Црвеното Море, вклучувајќи балистички ракети и беспилотни летала набавени со иранска помош, им овозможија на Хутите воено да ги совладаат фрагментираните сили на јеменската влада и да го преземат целиот брег во молскавичен напад што траеше само 18 часа.

Аналитичарот Мохамад Елмасри од катарскиот институт Доха оцени дека станува збор за „борбена сила понапредна од онаа со која се соочија Саудијците пред 10 години“, додавајќи дека пристапот до иранско оружје им овозможил на Хутите да изградат импресивен арсенал.

Баб ел-Мандеб

Баб ел-Мандеб, низ кој секој ден поминуваат околу 12 проценти од целата светска трговија, доби дополнително значење откако Иран го затвори Ормускиот Теснец, низ кој пред војната поминуваше околу една петтина од светските енергетски резерви. Низ овој проток се влегува во Црвеното Море, па потоа преку Суецкиот Канал и Медитеранот, се стигнува до Европа и до Атлантикот, а алтернативниот воден пат е заобиколување на Африка.

Саудиска Арабија оттогаш го зголеми до максимум капацитетот на цевководот што носи сурова нафта од полето Абкаик до пристаништето Јанбу во Црвеното Море, од 5 на 7 милиони барели дневно – што значи дека 21 процент повеќе саудиска нафта течеше низ Баб ел-Мандеб отколку пред војната.

Токму тоа го направи овој теснец цел: сообраќајот на сурова нафта низ него се намали на околу 400.000 барели дневно во август, бројот на пловидби се намали за 60 до 70 проценти откако превозниците ја избегнуваат рутата, а најновата ескалација донесе дополнителен пад од 46 проценти. Пазарите реагираа брзо.

На 11 септември Хутите ја презедоа контролата врз островот Перим (Мајун), кој се наоѓа во самиот теснец и го дели на два пловни канала, а потоа и целата јеменска страна на Црвеното Море, со што практично имаат контрола врз јеменскиот дел од стратешкиот теснец и можат директно да влијаат врз пловидбата низ еден од најважните светски поморски теснеци.

Западната страна на теснецот им припаѓа на Џибути и Еритреја.

Нафтата може да скокне над 120 долари

Хелима Крофт, аналитичарка во RBC Capital Markets, предупреди дека „морскиот сообраќај низ Баб ел-Мандеб е сериозно загрозен од напредувањето на Хутите“, проценувајќи дека целосна војна би можела да ја турне нафтата Брент на речиси 122 долари за барел до крајот на годината.

Слични проекции имаат и други инвестициски банки: Голдман Сакс гледа можност за раст кон 120 долари ако конфликтот се одолговлекува во 2027 година, додека Банката на Америка очекува опсег од 95 до 125 долари до крајот на годината.

Меѓународната агенција за енергија соопшти дека глобалната понуда на нафта годинава ќе падне повеќе отколку што претходно предвидуваше, а ОПЕК ја намали својата прогноза за раст на глобалната побарувачка за 2026 година по петти пат по ред.

Според ИЕА, Саудиска Арабија и Русија, вториот и третиот најголем производител на нафта во светот, заедно испумпале околу 5,5 милиони барели дневно помалку во август отколку во јануари, што е комбиниран ефект од војната со Иран и војната во Украина.

Иран задоволен од ситуацијата на теренот

За Техеран, исходот на терен има речиси симболична вредност.

– Тоа во суштина значи дека Иран сега го контролира Ормускиот Теснец и плус нешто друго – вели Алам Салех, професор по меѓународни односи на Австралискиот национален универзитет, додавајќи дека Иран на тој начин „играл на картата“ за глобалните цени на нафтата и енергетската безбедност.

Андреас Криг, вонреден професор на Кингс колеџ во Лондон, предупредува дека Хутите се „страшни“ во управувањето со заземените територии и дека е малку веројатно дека ќе можат да ја одржат блокадата на долг рок.

Израел го нападна Јемен по ракетен напад од Хутите, гаѓајќи пристаништа и бродови во Црвеното Море.
Фото: Принтскрин

Саудиска Арабија постојано испукува десетици ракети врз областите под контрола на Хутите, но досега без видлив ефект. Принцот Мохамед бин Салман двапати му се јавил на американскиот претседателот Доналд Трамп овие денови за да побара директни воздушни напади на САД против Хутите, но Трамп одбил, нудејќи наместо тоа разузнавачка поддршка.

Трамп, исто така, призна дека војната со Иран веројатно нема да заврши пред среднорочните избори во САД во ноември, а според „Волстрит џурнал“, неговите советници веќе интерно разговараат за 2029 година како годината кога конфликтот ќе заврши.

Каква сила се Хутите?

Хутите денес веќе не се само класична герилска милиција, туку многу поголема и организирана вооружена сила. Според проценките врз основа на извештај на експерти на ОН, тие имаат околу 350.000 борци, иако бројката вклучува и регрутирани лица под 18 години. Нивната сила се темели на долгогодишно борбено искуство, планинскиот терен и поддршката од Иран, а во последните години развиле и сопствени капацитети за производство и модификација на оружје.

Во арсеналот имаат балистички и крстосувачки ракети, противбродски ракети, стотици дронови, камиказа-дронови, артилерија, минофрлачи, противтенковско оружје и брзи беспилотни чамци. Балистичките ракети можат да достигнат цели на повеќе од 1.000 километри, а дроновите се користат и за напади врз бродови и цели во регионот.

Поврзани содржини