🎥 ДУО ОД СОНИШТАТА: МАДОНА И КАЈЛИ МИНОГ Прва заедничка песна на двете поп-кралици
Песната беше премиерно најавена на концертот на Мадона во Амстердам, а соработката доаѓа по децении успешни кариери и две години откако првпат настапија заедно на сцена.
Долго најавуваната музичка соработка меѓу Мадона и Кајли Миног конечно е објавена. Поп-иконите го претставија синглот „Love Sensation (Afterhours Mix)“, кој публиката првпат можеше да го слушне за време на концертот на Мадона во Амстердам, како дел од нејзината турнеја „Confessions II“.
Новата верзија на песната ги комбинира вокалите на Кајли Миног со оригиналната композиција „Love Sensation“, која се наоѓа на најновиот албум на Мадона, „Confessions II“. Продуцент е Стјуарт Прајс, а ова е прва официјална песна на која двете ѕвезди настапуваат заедно. Објавени се две верзии – „Afterhours Radio Edit“ и подолгата „Afterhours Mix“.
Интересно е што Кајли претходно ги негираше гласините дека ќе биде дел од албумот „Confessions II“, но се покажа дека тие не биле сосема неточни. Австралиската пејачка се појави како специјална гостинка на концертот во Амстердам, каде што заедно со Мадона ја претставија новата ремикс-верзија пред публиката.
Иако ова е нивната прва заедничка снимка, Мадона и Кајли првпат настапија заедно во 2024 година, на концерт во Лос Анџелес. Тогаш ја изведоа легендарната „I Will Survive“ на Глорија Гејнор, а потоа ја отпеаа и големата хит-песна на Кајли, „Can’t Get You Out of My Head“.
Во меѓувреме, Мадона со албумот „Confessions II“ го освои првото место на американската Billboard 200 листа, што претставува нејзин десетти албум кој стигнал до врвот на топ-листата. Пејачката на Инстаграм им се заблагодари на фановите за огромната поддршка, истакнувајќи дека е изненадена и благодарна за приемот што го доби албумот.
„Confessions II“ содржи 16 песни, меѓу кои се „Danceteria“, „I Feel So Free“ и „Bring Your Love“, дует со Сабрина Карпентер, кој двете пејачки премиерно го изведоа на фестивалот Коачела. Албумот е придружен и со краток филм, кој премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал „Трибека“, а музичките критичари го опишуваат како 64-минутно непрекинато танцово музичко патување што ја слави историјата на денс-музиката.