ОБЈАВЕНА ТЕМАТА НА МЕТ ГАЛА ЗА 2027 ГОДИНА Фармерки, маици и дуксери наместо раскошни тоалети?
Институтот за костими при њујоршкиот музеј „Метрополитен“ откри дека изложбата и традиционалната гала-вечер следната година ќе бидат посветени на обичната облека и материјалите што дизајнерите ги претвораат во уметнички дела. Новата тема доаѓа по откажувањето на планираната ретроспектива посветена на Џон Галијано.
Насловена како „extraORDINARY: Fashion and the Poetics of the Everyday“, изложбата што ќе ја одбележи пролетта 2027 година во Институтот за костими при њујоршкиот музеј „Метрополитен“, наместо на екстравагантните креации и високата мода, ќе стави фокус на секојдневни парчиња што речиси секој ги има во гардеробата – фармерки, бели маици, дуксери, кожни јакни и палта.
Идејата е да се покаже како модните дизајнери ги менуваат познатите форми, материјали и предмети, претворајќи ги во нешто сосема поинакво. Изложбата ќе биде поделена на две главни целини. „Familiar Forms“ ќе ја истражува трансформацијата на секојдневната облека, додека „Common Matter“ ќе покаже како материјали како хартија, пластика и метал можат да станат дел од модни креации.
Меѓу изложените дела ќе има модели од Марк Џејкобс, Џонатан Андерсон, Џуња Ватанабе, Метју Блејзи и други познати дизајнери. Посебно внимание ќе привлечат и креации направени од необични материјали, како и парчиња во кои се користени предмети што обично би завршиле во отпад. Изложбата ќе содржи повеќе од 200 дела, меѓу кои и познатите фармерки на Брук Шилдс од рекламната кампања на „Келвин Клајн“.
View this post on Instagram
Кураторот Ендру Болтон објаснил дека секојдневната облека носи лични спомени и значења што често ги занемаруваме. Едноставна бела кошула или омилен пар фармерки, според него, може да раскажуваат приказна за навиките, сеќавањата и идентитетот на оној што ги носи. Целта е посетителите повторно да ја откријат креативноста скриена во предметите што секојдневно ги користат.
Новата тема е избрана откако беше откажана планираната изложба посветена на британскиот дизајнер Џон Галијано. Ретроспективата требаше да ја претстави неговата кариера, но предизвика реакции поради неговите антисемитски и расистички изјави од минатото. По критиките и повлекувањето на Галијано од проектот, музејот мораше да подготви нова концепција. Болтон призна дека немал резервен план, но сакал новата изложба да биде подеднакво амбициозна, провокативна и актуелна.
Мет Гала ќе се одржи на 3 мај 2027 година, а изложбата ќе биде отворена за јавноста шест дена подоцна, на 9 мај, и ќе може да се разгледува до 9 јануари 2028 година. Кодексот на облекување за гала-вечерта и имињата на домаќините сè уште не се објавени. Токму затоа останува да се види дали ѕвездите следната година ќе ги заменат раскошните креации со поинакви, секојдневни модни комбинации.