Леснотијата на разградувањетото на еден мировен договор
Мирот не опстојува благодарение на сеќавањето на неговото потпишување, туку благодарение на секојдневната волја да се заштити неговиот дух.
Има договори што произлегуваат од победа, има договори што произлегуваат од компромис, но има и договори што произлегуваат од потребата да се спаси мирот. Охридскиот рамковен договор ѝ припаѓа на оваа последна категорија. Тој не беше обичен политички документ; беше чин на историска одговорност, изграден врз убедувањето дека мирот е поважен од триумфот на едната страна над другата.
За изградба на еден мировен договор се потребни години. Тој се темели врз довербата, дијалогот, компромисот и врз подготвеноста да се прифати дека никој не може да ја гради иднината со негирање на другиот. Но, парадоксот на историјата е во тоа што она што се гради со мака, може да се разгради со вознемирувачка леснотија. Историјата нѐ учи дека мировните договори не се крај на кризите, тие се само почеток на една нова одговорност.
Доволни се неколку еднострани одлуки, малку институционално занемарување и една доза на политичка рамнодушност од страна на одговорните актери, за темелите на довербата да почнат да се нишаат. Договорите не се рушат нужно со еден единствен чин. Тие полека се нагризуваат, преку релативизирање на нивниот дух, преку деформирање на нивното значење и преку замена на културата на дијалог со култура на наметнување.
Историјата исто така нѐ учи дека мирот не е природна состојба. Тој е секојдневна градба. Токму поради оваа причина, вредноста на мировниот договор не лежи само во неговите уставни или законски одредби. Неговата најголема вредност е политичката филозофија што ја претставува: убедувањето дека; мирот е резултат на правдата, додека стабилноста е производ на довербата.
По четврт век, предизвикот не е само да се сеќаваме на Охридскиот рамковен договор, туку да ја зачуваме неговата филозофија. Бидејќи историјата нѐ предупредува и за уште една вистина: мировните договори се полесни за разградување отколку за изградба. Тие ретко се рушат со еден единствен чин; почесто, мировниот договор ослабува во тишина во политичката пракса преку релативизирање на неговиот дух. Потоа се минимизира важноста на механизмите што гарантираат еднаквост. Подоцна избледува културата на дијалог и се заменува со логиката на мнозинството или на силата. На крајот, документот останува на сила, но довербата што му даде живот почнува да се гасне, што доведува до слабеење на вербата дека државата може да биде еднаков дом за сите нејзини граѓани. Затоа што силата на еден договор не се мери само со членовите што ги содржи, туку со политичката култура што успева да ја создаде. Доколку институциите го штитат само формално, додека во пракса го заобиколуваат, тогаш започнува невидливиот процес на негово разградување.
Затоа, 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор не треба да биде само церемонијален јубилеј. Таа треба да служи како потсетник дека мирот не се наследува автоматски. Тој бара будност, мудрост и морална храброст. Бидејќи еден мировен договор може да се разгради многу полесно отколку што е изграден, но последиците од неговото разградување секогаш се многу потешки од напорите што биле потребни за да се постигне. Затоа, неговото почитување не е само правно прашање; тоа е тест за демократската зрелост на едно општество.
На крајот на краиштата, мировните договори не се рушат на денот кога ќе се укинат. Тие се рушат во моментот кога општеството ќе престане да верува во причината од која се родиле. Токму тука започнува разградувањето на мирот.