ПОЧИНА ДВОЈНАТА ДОБИТНИЧКА НА ГРЕМИ, КАСАНДРА ВИЛСОН Џез-легендата почина мирно во својот дом, опкружена со најблиските
Касандра Вилсон, една од највлијателните американски џез-пејачки, почина на 70 години во Џексон, Мисисипи. Причината за смртта не е соопштена.
Касандра Вилсон, славната американска џез-пејачка, текстописец и продуцентка, почина на 70 години. Веста за нејзината смрт ја потврди нејзиниот долгогодишен менаџер Роберт Тор, кој соопшти дека Вилсон починала мирно во својот дом во Џексон, Мисисипи, опкружена со семејството и блиските пријатели.
Причината за смртта не е објавена. Семејството и блиските пријатели побарале приватност во периодот на жалост.
Вилсон беше позната по својот препознатлив, длабок контраалт и по музичкиот пристап со кој ги поместуваше границите на традиционалниот џез. Во својата повеќедецениска кариера ги поврзуваше џезот, блузот, фолкот, попот, R&B и кантри музиката.
Во 2001 година магазинот „Time“ ја прогласи за „најдобрата американска пејачка“. Нејзиниот музички стил беше особено ценет поради начинот на кој ги преработуваше и интерпретираше песните, давајќи им сосема поинаква атмосфера.
Вилсон освои две награди „Греми“. Првата ја доби за албумот „New Moon Daughter“, а втората за „Loverly“. Таа исто така беше дел од значајни музички проекти и соработуваше со големи имиња, меѓу кои Винтон Марсалис, Елвис Костело и групата The Roots.
Нејзината музичка приказна започнала уште во детството. Родена е на 4 декември 1955 година во Џексон, а на шест години почнала да свири пијано. Подоцна свирела и кларинет, а во младоста настапувала во локални бендови и по кафулиња. Во 1980-тите се преселила во Њујорк и станала дел од M-Base Collective, предводен од Стив Колман.
Особено значаен бил нејзиниот албум „Blue Light ‘Til Dawn“ од 1993 година, со кој дополнително го изгради својот препознатлив стил. Нејзиниот последен албум „Coming Forth by Day“ од 2015 година бил посветен на легендарната Били Холидеј.
Во 2022 година Вилсон беше прогласена за Jazz Master од National Endowment for the Arts, едно од највисоките признанија во американскиот џез. По веста за нејзината смрт, бројни музичари ѝ оддадоа почит, меѓу нив и Џон Батист, кој ја опиша како уметница од која многу научил.