ОПОЗИЦИЈАТА ВО РЕПУБЛИКА СРПСКА Е СПРЕМНА ДА ГИ ПРИФАТИ ЕУ РЕФОРМИТЕ АКО ДОЈДЕ НА ВЛАСТ Додик се закани со паралелни избори

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, обвини дека РС е нападната од „муслиманскиот национализам од Сараево“, кој преку судскиот систем сака да ја покори Република Српска и да владее со Босна и Херцеговина.

301

Опозициските партии во Република Српска соопштија дека доколку бидат дел од владејачката коалиција во Босна и Херцеговина, подготвени се да го поддржат усвојувањето на реформските закони, на коишто инсистира Европска комисија, со што би се создале услови за отворање на пристапните преговори со Европска Унија.

Шефот на пратеничката група на Партијата за демократски напредок (ПДП) во Народното собрание на Република Српска и поранешен министер за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, денеска потврди дека се подготвени да ги поддржат овие закони веднаш по доаѓањето на власт.






– Конкретен датум за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите за членство и за деблокирање на 70 милиони евра од Планот за раст (за Западен Балкан) може да бидат брзите ефекти од новото мнозинство кое ќе даде опипливи резултати, видливи за обичниот човек. Потоа ќе има многу работа за други суштински прашања – наведе Црнадак за порталот „Дневни аваз“.

Тој посочи и дека српската опозиција е подготвена да преземе чекори за реформирање на изборниот процес преку воведување скенери на избирачките места, како и за „агресивен пристап“ во борбата против корупцијата и за смирување на општата ситуација во општеството.

Додик вети зголемување на платите

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска во Бања Лука им се обрати на новинарите, зборувајќи за актуелниот политички момент во овој ентитет и во Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека Република Српска ја започнува неделата со редовни активности, пред сè преку седницата на Народното собрание на РС (НСРС), каде што на дневен ред ќе биде зголемувањето на примањата за буџетските корисници во износ од 223 милиони КМ (114 милиони евра). Ова се однесува на полицијата, образованието, здравството, јавната администрација и на правосудството, при што зголемувањето од 10% ќе биде линеарно, согласно дадените ветувања.

Додик нагласи дека РС покажува способност да ги исполнува своите редовни обврски, додавајќи дека нема безбедносни предизвици и дека граѓаните треба да се чувствуваат сигурно и стабилно.

– Редовно ги исплаќаме платите, го контролираме финансискиот систем и обезбедивме финансиска поддршка за РС оваа година – рече тој.

„Уставниот суд на БиХ е нелегитимен“

Тој повтори дека односите меѓу РС и органите на ниво на БиХ остануваат замрзнати, нагласувајќи дека се следи спроведувањето на законите за забрана на дејствување на Судот, Обвинителството, СИПА и на Високиот судски и обвинителен совет на територијата на РС, бидејќи, според него, тие не се уставни органи и треба да исчезнат од РС. Додик го критикуваше и Уставниот суд на БиХ, нарекувајќи го нелегитимен поради „сомнителни судии“ постари од 70 години, чии одлуки, според него, не се уставни.

Тој обвини дека РС е нападната од „муслиманскиот национализам од Сараево“, кој преку судскиот систем сака да ја покори Република Српска и да владее со БиХ.

– Обвинителите се под влијание на сараевската криминална чаршија, а ова е завршен чин за да се завладее со РС – рече Додик, додавајќи дека РС нема да дозволи да ѝ се суди во Сараево.

„Опозицијата во Република Српска е сервилна кон Сараево“

За институциите на БиХ, тој оцени дека се во сериозна криза, додека опозицијата во РС ја обвини за сервилност кон Сараево, што според него води кон предавство. За европскиот пат, Додик изјави дека РС веќе две-три години нема корист од европските процеси и дека ЕУ е во криза, поради што РС треба добро да размисли за своите следни чекори.

На крај, тој најави дека изборите за претседател на РС ќе ги организира ентитетската изборна комисија (ЦИК), заканувајќи се со оваа одлука.

БиХ моментално се наоѓа во најголемата криза од Дејтон, а по Додик, премиерот и претседателот на Парламентот на РС се распишани потерници и одреден им е притвор, се очекува нивно апсење.

Поврзани содржини