ИЗБИ ПОЖАР НА ТРАЕКТ ПОЛН СО ВОЗИЛА КАЈ МИКОНОС Нема повредени, 29 луѓе се евакуирани

На бродот, кој пловел под грчко знаме, се превезувале 66 товарни возила и 29 приватни патнички автомобили.

0

Дваесет и девет лица се евакуирани откако пожар избувна на палуба на ферибот на кој се превезувале возила, а кој пловел северно од островот Миконос во Егејско Море, пренесуваат грчките медиуми.

Надлежните служби соопштиле оти никој од присутните на бродот не бил повреден.






Од грчката Крајбрежна стража велат дека на бродот, кој пловел под грчко знаме, се превезувале 66 товарни возила и 29 приватни патнички автомобили.

Веднаш по пожарот, кој се случил утринава, на местото биле испратени пет пловни објекти на Крајбрежната стража, како и три противпожарни брода, тегљачи и други пловни објекти.

Информациите што ги пренесуваат грчките медиуми од попладнево се дека состојбата на бродот е подобрена, на палубата не се гледаат пламени јазици, ниту пак од бродот излегува црн чад.

На местото е упатен реморкер што има капацитет да исфрла околу 2.500 кубни метри вода на час и кој ќе прска вода по страните на фериботот во обид да ги олади челичните плочи загреани од пожарот во внатрешноста.

На местото на настанот се очекува да пристигне и специјализиран тим за спасување и санација.

Во меѓувреме, од Крајбрежната служба велат дека се вложуваат напори бродот да се задржи на безбедно растојание од брегот и да се спречи негово насукување.

Поврзани содржини