ОД ТУНЕЛ ДО ПОЛА, БУЈАР САКА ДА НАПРАВИ АФЕРА ЦЕЛА Кој е навистина виновен за изгубениот грант од 60 милиони евра?
„Имаме договор. Ќе градиме цел тунел со грант од ЕУ“, вели вицепремиерот Александар Николовски. Владата на СДСМ и на ДУИ во 2024 година распишала тендер за изградба на тунел до пола, на пругата од Крива Паланка до Бугарија. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го прекинала тој тендер и влегла во сериозни разговори со Бугарија и со ЕУ. Резултатот е нов договор. А за тендерот од 2024 година треба да има и кривична одговорност.
Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи неодамна ја лансираше приказната дека по вина на владата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија останала без 60,77 милиони евра неповратни средства од Европската Унија за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, откако тендерската постапка не завршила навреме и не бил склучен договор со изведувач во роковите предвидени со ИПА-програмата. Некои медиуми сега ја рециклираат оваа приказна, во обид да создадат афера.
Вицепремиерот Александар Николовски на реакцијата на Бујар Османи одговори веднаш, со објава на Икс на 30 јули.
„Пак лаги и манипулации! Во 2024 наследивме тендер за пруга што завршуваше во слеп тунел до пола! Дополнително, средствата од ИПА да се искористат до ноември 2024 година, а Владата се формира крајот на јуни, со тендер за градба што беше невозможна – тунел до пола! Да, таков тендер распиша Владата на СДСМ и ДУИ. Го прекинавме и влеговме во сериозни разговори со ЕУ и со Бугарија. И се договоривме. Ќе градиме целосен тунел со грант од ЕУ!“, напиша Николовски.
На 30 јули се одржал прв состанок на мешовитата група меѓу Македонија и Бугарија. Николовски информираше дека се праќа заедничко писмо до ЕУ, Еевропската инвестициска банка (ЕИБ) и до Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за финансирање.
„Дополнително, за третата фаза на Коридорот 8 имаме 149 милиони евра грант. Значи, уште еден проект заглавен од СДСМ и ДУИ ние исправуваме и го ставаме во вистински рамки. Така се работи. Без криминал, со посветеност. Додека Бујар создаваше проблеми како министер за надворешни работи, ние сега ги решаваме. Железница ќе има, исто како и автопати. Во ваше време, само провизии“, напиша Николовски на Икс, директно обраќајќи ѝ се на сегашната опозиција.
Медиуми блиски до опозицијата тврдат дека за делницата Крива Паланка – граница со Бугарија кон крајот на 2023 година била затворена финансиска конструкција од околу 560 милиони евра. Таа опфаќала по 175 милиони евра заеми од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, грант од 149,2 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан и дополнителни 60,77 милиони евра грант од ИПА 2.
Грантот не бил одземен затоа што Европската Унија се откажала од проектот, туку затоа што Македонија не успеала да ги исполни условите и роковите за негово користење. Но, опозициските медиуми го премолчуваат фактот дека тендерот за изградба, објавен во 2024 година, предвидувал изградба на половина тунел на границата со Бугарија, што е бесмислено.
Владин извор за Плусинфо вели:
– Да, треба да се бара одговорност за тоа зошто пропаднал тој грант од 60 милиони евра. Тука има простор и за сериозна кривична истрага, бидејќи сосема е можно планираната изградба на половина тунел да била со цел да се нанесе штета или да се земат провизии. Како и да е, новата владата не смееше да прифати таков луд проект, бидејќи ќе станеше соучесник во една опасна манипулација.
На крајот, најважно е дека договор има и дека тунелот ќе се гради, ама целиот. А ќе има и грант од ЕУ. Пругата од Крива Паланка до бугарската граница е последната и најсложена делница од источниот железнички Коридор 8.