ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ЗА НАБАВКИТЕ НА МАЗУТ ЗА ТЕЦ НЕГОТИНО Не се потврдија наводите од кривичната пријава

Во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут.

0

По спроведена едногодишна истражна постапка, предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за запирање на истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино.

Јавното обвинителство соопшти дека од прибраните докази не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење на друго кривично дело што се гони по службена должност.

„Предмет на истрагата беше постоење на основано сомнение дека во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза, биле сторени злоупотреби при јавните повици, незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут. Од доказите произлезе дека предметните постапки за набавка на мазут се спроведувани во услови на прогласена енергетска криза од страна на Владата на РСМ и согласно законските исклучоци предвидени во член 23 од Законот за јавни набавки, со цел обезбедување непречено производство на електрична енергија.

Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари.

Во однос на динамиката на испорака на мазутот, од прибраните докази, документацијата и исказите на претставници на АД ЕСМ и ТЕЦ Неготино произлезе дека мазутот бил континуирано и навремено испорачуван согласно потребите на термоелектраната, при што во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија. Согласно доказите, во критичниот период не постоеле рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило обезбедување електрична енергија по значително пониски цени од цените на слободниот пазар.

Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино.

Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.

Со оглед дека од сите прибрани докази не произлегува основано сомнение дека осомничените сториле кривични дела кои се гонат по службена должност, донесена е Наредба за запирање на истражната постапка. Против ваквата одлука на обвинителството оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок 8 дена од денот на приемот на наредбата за запирање на истражната постапка – се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција во март 2025 година, по предистражна постапка иницирана од Антикорупциската комисија, започна истрага против 13 физички лица и едно правно лице поврзани со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.

Истрагата опфаќаше период од 2021 до 2023 година, кога двајца осомничени, основачи и управители на правно лице, заедно со вработени во АД Електрани на Северна Македонија, наводно спровеле незаконски набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, при што наводно предизвикале штета од 167.549.985 евра.

Со истрагата беа опфатени компанијата „РМК“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и Асмир Јахоски од „Пуцко Петрол“ (син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски), поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски и други функционери.

Поврзани содржини