АКО ИМАШЕ НЕКОЕ ПАТУВАЊЕ, СДСМ ЌЕ ОСТАНЕШЕ ВО РАБОТНАТА ГРУПА ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Да видиме дали ќе блокираат една изборна единица
Во СДСМ, многу 'увредени' од укинувањето на Пржинската влада, со нивното отсуство го блокираат процесот, вели пратеникот од Левица, Борислав Крмов.
СДСМ го блокира процесот на изборни реформи, обвини пратеникот од Левица, Борислав Крмов, критикувајќи ја партијата поради отсуството од работната група за измени на Изборниот законик.
Крмов посочи дека работната група продолжила со работа и без присуството на СДСМ, а во фокусот ги стави предлозите за една изборна единица и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
„Ајде баш да видиме дали СДСМ ќе ги блокира предлозите од ОБСЕ/ОДИХР и една изборна единица. Дали целосно ќе се разоткријат како најобични опортунисти и политички позери без став“, напиша Крмов на Фејсбук.
Тој оцени дека работната група продолжила најконструктивно и без учество на претставниците на СДСМ кои поради незадоволство од укинувањето на Пржинската влада го бојкотираат процесот.
„СДСМ, многу ‘увредени’ од укинувањето на Пржинската влада, со нивното отсуство го блокираат процесот“, наведе пратеникот од Левица.
Крмов во објавата упати и иронична забелешка кон функционерите на СДСМ, Оливер Спасовски и Јован Митрески, поради нивно патување во Швајцарија.
„Тоа не го спречи двоецот Спасовски и Митрески да се прошетаат до Швајцарија каде ќе разгледуваат тешки ‘етички’ проблеми и дилеми. Може и тука требаше некое бесплатно патување да им понудиме, па можеби и ќе останеа“, вели Крмов.