ОДНОСОТ СО ДИЈАСПОРАТА МОРА ДА ПРЕРАСНЕ ВО НАЦИОНАЛНА ПОЛИТИКА Имаме насушна потреба од соработка со иселениците

Владата веќе ја усвои Националната стратегија за соработка со дијаспората, а во мојот Кабинет во завршна фаза е формирањето на Советот за дијаспора, тело што треба да овозможи активно вклучување и влијание на дијаспората во матичната земја, најави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

2

Иако физички се далеку од тука, нашинците во дијаспората и натаму се врзани за татковината, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова на приемот во пресрет на дводневниот традиционален самит на Македонија 2025 и ги врачи признанијата за придонес на припадниците на дијаспората.

Признанието во соработка со Македонија 2025 се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и за јакнење на националните и државни интереси и капацитети.

Претседателката им честиташе на годинешните добитници на признанието, д-р Ичак Калдерон Адижес, Елизабет Наумовски и Антонијо Трпевски, потенцирајќи дека со нивната работа во науката, бизнисот, културата, филантропијата и со поддршката на младите оставаат траен белег овде, но и ширум светот, а истовремено се и мотивација за идните генерации.

– Признавам, средбите со луѓето од македонската дијаспора во мене будат ем гордост ем тага. Од една страна, се радувам кога гледам успешни професори, лекари, инженери, научници, претприемачи и интелектуалци кои, со дисциплина и истрајност, изградиле респектабилни кариери. Но, од друга страна, ја замислувам македонската држава во растечка економска или друга соработка со нив или нивно физичко присуство тука – рече таа.

Според неа, имаме насушна потреба од соработка со дијаспората, не само во бизнисот, туку и во образованието, науката, културата и во спортот.

 

– Дијаспората денес не е хомогена структура, туку сложен простор составен од различни генерации, но со иста љубов кон татковината. Ме охрабрува фактот што сè повеќе млади луѓе, иако родени далеку одовде, изразуваат интерес за македонскиот јазик, култура и за традиција – рече претседателката.

Таа ја истакна важноста од досегашната соработка со Македонија 2025 преку проекти како „Охрид, кампот за високотехнолошка извонредност“, којшто им овозможува на младите да стекнуваат знаење, да развиваат критичко мислење, со што ќе бидат во чекор со новите технолошки предизвици.

– Вечерашниов настан е увертира во традиционалниот Самит на Македонија 2025, иницијатива што со години ги поврзува знаењето, лидерството, претприемништвото и меѓународното искуство. Во време на технолошки и геополитички промени, сè појасно станува дека напредокот на државите ќе зависи од нивниот институционален капацитет, од способноста да создаваат конкурентна економија, да користат вештачка интелигенција и дигитализација, од начинот на којшто ќе го развиваат, задржат и користат сопствениот човечки потенцијал – рече Сиљановска Давкова.

Додаде дека односот кон дијаспората не смее да остане само прашање на добра волја и повремени иницијативи, туку мора да прерасне во сериозна и долгорочна национална политика.

„Владата веќе ја усвои Националната стратегија за соработка со дијаспората, а во рамки на мојот Кабинет во завршна фаза е и формирањето на Советот за дијаспора, како тело што треба да овозможи активно вклучување и влијание на дијаспората во матичната земја“, најави претседателката.

Поврзани содржини