РУСИЈА ИТНО ДА ГИ ВРАТИ СИТЕ ПРИСИЛНО ОДНЕСЕНИ УКРАИНСКИ ДЕЦА Нивната депортација е сериозно кршење на меѓународното право

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Брисел порача дека нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина.

1

Украина повеќе од три години се соочува со неиспровоцирана и неоправдана агресија од страна на Руската Федерација, што претставува очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во своето обраќање на состанокот на високо ниво на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Муцунски ја реафирмираше поддршката на Македонија за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.

Министерот посочи дека, покрај геополитичките последици, војната предизвикала огромно човечко страдање, а како најболен симбол на тоа страдање ја издвои судбината на украинските деца.

– Повикваме на итно враќање на сите украински деца кои биле присилно однесени. Нивната депортација претставува сериозно прекршување на меѓународното право и директна повреда на нивните човекови права, достоинство и безбедност – истакна министерот Муцунски.

Тој нагласи дека е сè појасно дека не може да постои одржлив мир без одговорност.

Осврнувајќи се на идната обнова на Украина, министерот Муцунски посочи дека обновата на една држава не значи само реконструкција на инфраструктурата, туку и обновување на животите, довербата и на надежта.

– Историјата нема да нè суди само според изјавите што ги даваме, туку и според човечноста што ја покажуваме. Нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина – порача министерот Муцунски.

Поврзани содржини