ГАЛА ВЕЧЕР ВО ЛОС АНЏЕЛЕС Компанијата Airbnb ќе донира 500 милиони долари за бесплатно сместување на луѓе во криза и процент од секоја резервација

Airbnb.org обезбедува бесплатно привремено сместување за луѓето што морале да ги напуштат своите домови поради пожари, поплави, урагани, војни и други кризи, а новото финансирање ќе овозможи и проширување на програмите. На гала вечерта на компанијата во Лос Анџелес присуствувале голем број познати личности како Сиена Милер, Џесика Алба, и други.

25

Компанијата Airbnb најави дека во следните пет години ќе обезбеди 500 милиони долари за својата непрофитна организација Airbnb.org, која им помага на луѓето погодени од природни катастрофи, болести и други кризни ситуации. Целта е до 2030 година да се овозможуваат по еден милион бесплатни ноќевања годишно, а новиот модел на финансирање ќе вклучува издвојување дел од приходот од секоја резервација.

Објавата беше претставена на 28 октомври, на првата гала-вечер на Airbnb.org во Лос Анџелес, на која присуствуваа бројни познати личности. Но, зад гламурозниот настан стои значајна промена во начинот на кој компанијата ќе ја финансира својата хуманитарна програма.






Според новиот модел, Airbnb ќе издвојува по 10 американски центи од својот приход за секое резервирано сместување на платформата. Со дополнителни донации, ова треба да помогне во обезбедувањето вкупно 500 милиони долари во следните пет години. Компанијата нагласува дека промената нема да ги зголеми цените за гостите ниту ќе ги намали исплатите за домаќините.

Airbnb.org е независна непрофитна организација основана во 2020 година, која соработува со локални организации и институции за да им обезбеди бесплатно привремено сместување на луѓето што морале да ги напуштат своите домови поради пожари, поплави, урагани, војни и други кризи. Досега, преку нејзините програми биле обезбедени повеќе од 1,6 милиони ноќевања за над 250.000 луѓе ширум светот.

Новото финансирање ќе овозможи проширување и на програмите за семејства што патуваат заради лекување, за луѓе што бегаат од семејно насилство и експлоатација, како и за американски воени ветерани со сериозни здравствени проблеми. Организацијата ќе продолжи да соработува со локални непрофитни организации и јавни институции за да ги идентификува луѓето на кои им е потребна помош.

Извршниот директор и коосновач на Airbnb, Брајан Чески, изјави дека секоја резервација отсега ќе придонесува некој друг да добие место за престој кога тоа најмногу му е потребно. Компанијата соопшти дека ги покрива оперативните трошоци на Airbnb.org, така што сите јавни донации за организацијата одат директно за обезбедување сместување.

На гала-вечерта во Лос Анџелес присуствуваа Сиена Милен, Шарлиз Терон, Џесика Алба, Деми Ловато и други познати личности. Сепак, главната цел на настанот беше да се привлече внимание кон хуманитарната работа и планот за значително зголемување на бројот на бесплатни ноќевања за луѓето на кои им е потребна итна помош.

Поврзани содржини