НЕ БАРАМЕ ТЕПАЧКА, ИРАН УШТЕ НЕ ЈА ПРЕМИНАЛ ЛИНИЈАТА Хегсет уверува дека примирјето опстојува
Пентагон вели дека примирјето е на сила, но предупредува на силен одговор ако Иран ја премине линијата. Според американскиот министер за одбрана, фактот дека 2 брода под американско знаме поминале е доказ дека „Проектот Слобода“ функционира.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, од Пентагон порача дека САД не бараат тепачка во Ормускиот Теснец, но дека нема да прифатат блокада од Иран. Според Хегсет „Проектот Слобода“ на САД дава резултати.
– Минувањето на двата брода покажува дека пловењето низ Ормуз е слободно – изјави Хегсет на прес-конференција со претседател на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, Ден Кејн.
И покрај размената на оган, САД инсистираат дека примирјето е на сила. Хегсет оцени дека иранските активности не ја преминале границата за нов конфликт.
„Ова е меѓународна уцена“
Американската страна остро реагираше на потезите на Иран.
– Блокирањето на Ормускиот Теснец е меѓународна уцена – рече Хегсет.
Тој оцени дека таквото однесување е неприфатливо за глобалната економија.
Проект „Слобода“ е одделна мисија?
Хегсет објасни дека новата мисија на САД е одвоена од претходните акции. Според него, „Проект Слобода“ има една јасна задача – заштита на комерцијалниот транспорт.
Мисијата, вели, е привремена, но со јасна цел да спречи нови инциденти.
Црвено-бело-сина купола
Пентагон зборува за силно воено присуство во регионот. Хегсет најави „црвено-бело-сина купола“ над Теснецот. Системот обезбедува постојан надзор на трговските бродови. Според него, 6 ирански бродови веќе се повлекле под притисок.
– Иран ќе се соочи со преголема американска огнена моќ ако се обиде да го наруши проектот – рече тој.
Во исто време, повика на разум и воздржаност.
„Под ниво на ескалација“
Ден Кејн изнесе конкретни податоци.
– Иран ги нападнал американските сили 10 пати од 8 април – рече Кејн.
Тој додаде дека нападите се „под прагот“ за целосна ескалација.
Одлуката за преминување на тој праг, како што рече, не е на негово ниво.
„Глобалната економија како заложник“
Кејн го обвини Иран за притисок врз светската трговија.
– Се обидуваат да го оружуваат синџирот на снабдување преку Ормуз – изјави тој.
Според него, тоа претставува обид да се држи економијата во заложништво.
Американската страна ја нагласува и економската страна на кризата. Целта е да се спречи глобален недостиг на енергенси. Пентагон тврди дека најголем удар би претрпеле најсиромашните земји.