НАМЕСТО КАПЕТАН, ПАТНИК БИЛ НА КОРМИЛОТО Поморската трагедија кај Брач добива расплет

Четири лица загинаа во судирот меѓу катамаран и едрилица во Сплитските води. Далматински портал пишува дека во моментот на сударот на едрилицата со рбродот катамаран, едрилицата ја управал еден од повредените патници. 

28

Телото на четвртата жртва беше пронајдено во кабината на потонатата едрилица кај островот Брач на повеќе од 50 метри длабочина, а со тоа заврши потрагата по исчезнатите по една од најтешките поморски несреќи во последните години во хрватските води.

Но, додека јавноста во регионот сè уште е потресена од трагедијата во која загинаа четворица чешки државјани, сè погласно се отвора прашањето дали судирот можел да биде избегнат.






Според првичните информации што ги објавија хрватските медиуми, едрилицата во моментот на несреќата не била управувана од професионален капетан.

Далматински портал пишува дека во моментот на сударот на едрилицата со бродот катамаран, едрилицата ја управал еден од повредените патници. Сепак, овие информации засега се неофицијални, пренесува Индекс.

Иста насока, промена во последен момент

Двата брода се движеле во иста насока, кон Хвар. Едрилицата испловила од Трогир и била на мотор, додека брзиот патнички катамаран „Крило Еклипс“ испловил од Сплит. Предниот и десниот труп на катамаранот покажале видливи оштетувања од судирот.

Според неофицијалните информации од Далматински портал, едрилицата наводно го променила курсот во последен момент. Во времето на несреќата, првиот офицер и кормиларот биле на мостот на катамаранот.

„Никој не набљудувал“

Санџин Думаниќ од Здружението на капетани на Сплитското Море смета дека клучниот пропуст се случил многу пред самиот удар.

Иако нагласува дека конечниот збор ќе го даде официјалната истрага, тој вели дека едно правило на море никогаш не смее да се занемари.

– Можам да кажам, иако сè уште не е официјално потврдено, дека ова е сигурно точно. Ниту еден од бродовите не набљудувал. Основното правило секогаш бара внимателно набљудување, но тоа не се случило. Ниту еден брод не набљудувал и затоа судирот бил неизбежен – изјави Думаниќ.

Според него, токму постојаното визуелно следење на околината е првата и најважна безбедносна мерка во поморството.

Судир во еден од најпрометните морски коридори

Несреќата се случи во Сплитскиот теснец меѓу островите Шолта и Брач, подрачје низ кое секојдневно минуваат голем број патнички бродови, траекти, јахти и туристички пловила.

Во моментот на судирот на едрилицата имало 8 чешки државјани. Четворица загинаа, а четворица беа спасени од морето и пренесени во болница.

На катамаранот имало 118 патници и 7 членови на екипажот.

Думаниќ предупредува дека сообраќајниот притисок во овие води од година во година расте, особено во текот на туристичката сезона.

– Луѓето не се секогаш подготвени за сето тоа, но морето е немилосрдно – рече тој.

„Има ли воопшто контроли за алкохол?!“

Поранешниот капетан смета дека е неопходно воведување посебни пловни коридори за различни правци на движење, како и ограничувања на брзината во најоптоварените делови од Јадранот.

Според него, голем дел од поморските несреќи имаат слична причина како и сообраќајните незгоди на копно, пребрзо движење и недоволно внимание.

Тој предупреди и на слабите контроли на помалите пловила, особено во вечерните часови.

– Не знам кога некој последен пат бил запрен за тестирање за алкохол или дрога. Тоа едноставно не постои – изјави Думаниќ.

Трагедија што отвори многу прашања

Нуркачите ја пронајдоа потонатата едрилица на дното на морето, а истрагата треба да утврди како дошло до директниот судир со катамаранот.

Наредена е обдукција за жртвите и вештачење за поморската несреќа. Едрилицата, која потона на длабочина од повеќе од 50 метри, ќе биде извлечена за вештачење.

Одговорите допрва се очекуваат, но по трагедијата кај Брач едно прашање веќе се наметна, дали строгите правила и подобрите контроли можеле да спасат четири животи.

Поврзани содржини