ЦРНА ГОРА НАЈДЕ ИЗЛЕЗ ЗА 3 ОД 8 СПОРОВИ СО ХРВАТСКА? По притисокот од Пленковиќ, Подгорица се подели меѓу компромис и отпор
Подгорица најавува решение за базенот во Котор, спомен-плочата во Морињ и обесштетувањето на поранешните затвореници. Политичарите и аналитичарите се поделени околу хрватските услови, а опозицијата ја обвинува власта дека предолго ги одложувала преговорите.
Црна Гора е блиску до решавање на три спора со Хрватска, изјави министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ на 19 октомври, во обид да се надмине новата пречка на патот кон Европската Унија. Најавата следува откако хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ издејствува од нацртот на европските заклучоци да бидат отстранети роковите за завршување на црногорските пристапни преговори.
Ибрахимовиќ, во гостување на Радио-телевизија Црна Гора, најави дека Подгорица подготвува одговор за името на базенот во Котор, спомен-плочата во поранешниот логор Морињ и обесштетувањето на поранешните затвореници.
Според министерот, информации за можните решенија можеле да се очекуваат уште истата вечер или следниот ден. Тој предупреди дека хрватските барања можат да го забават европскиот пат на Црна Гора, но нагласи дека билатералните спорови треба да се решаваат преку директни разговори.
Засега не е потврдено дека Загреб ги прифатил најавените решенија. Загреб отвори осум спорни прашања со Подгорица.
Пленковиќ ги отстрани роковите од европскиот документ
Хрватскиот премиер претходно интервенираше во Брисел за измена на нацрт-заклучоците на Европскиот совет.
Од документот беше отстранета временската одредница за договор за привремено затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на 2026 година, како и формулацијата за што поскоро довршување на пристапниот договор, објави „Тпортал“, повикувајќи се на Хина.
Поддршката за подготовката на пристапниот договор остана во текстот, но без претходно предложената временска рамка. Тоа не претставува формално запирање на преговорите, туку отстранување на рокот од европскиот документ.
Хрватските барања опфаќаат осум точки поврзани со поглавјата 23 и 31. Покрај трите прашања за кои Ибрахимовиќ најавува решение, спорот ги опфаќа исчезнатите лица, воените злосторства, имотните барања, разграничувањето и школскиот брод „Јадран“.
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ на почетокот на октомври го критикуваше Загреб поради условувањето на европските интеграции со билатерални спорови.
Тој го оцени како нереално хрватското барање за враќање имот вреден повеќе од 2,7 милијарди долари и предупреди дека Хрватска веќе го забавува затворањето на преговарачкото поглавје 31.
На 16 октомври тој повторно повика на политичко единство и конкретни реформи за Црна Гора да стане членка на ЕУ до 2028 година.
„Хрватска може да биде партнер, но не и наредбодавец“
Реакциите во Црна Гора покажуваат длабоки разлики околу тоа како државата треба да одговори на хрватските услови.
Пратеникот на Социјалистичката народна партија Богдан Божовиќ ги оцени барањата на Загреб како уцена. Тој побара билатералните разговори да се одвојат од европските преговори и предупреди дека членството во ЕУ не смее да се плати со отстапување од државните интереси за територијата и за бродот „Јадран“.
Божовиќ порача дека Црна Гора не смее да дозволи понижување од ниту една држава, вклучително и Хрватска, пренесе А Плус.
Поранешниот црногорски премиер и лидер на УРА, Дритан Абазовиќ, ја критикуваше владината преговарачка политика. Според него, хрватските барања не се нови, но нивната основаност мора внимателно да се преиспита.
За спомен-плочата во Морињ предложи таа да остане, но со изменет текст. За школскиот брод „Јадран“ порача дека ѝ припаѓа на Црна Гора, објави „Вијести“.
Пратеничката и потпретседателка на СНП, Слаѓана Калуѓеровиќ, ја обвини хрватската влада дека декларативно го поддржува европскиот пат на Црна Гора, а практично го забавува.
Таа порача дека билатералните спорови не смеат да служат за дисциплинирање на соседната држава.
– Хрватска, ако сака, може да биде партнер, но не и наредбодавец на Црна Гора – порача Калуѓеровиќ, пренесува „Вијести“.
Магистерот по меѓународни односи Самир Хаџиќ го оцени хрватскиот документ како инструмент за политички притисок. Во колумна за „Вијести“ тој предложи Подгорица да инсистира на одвојување на билатералните спорови од преговарачката рамка на ЕУ.
Дипломатите повикуваат на компромис, опозицијата бара одговорност
Поранешниот дипломат Миодраг Лекиќ повика на внимателна дипломатија и искористување на поддршката од влијателните европски држави.
Хрватскиот политички аналитичар Жарко Пуховски оцени дека Загреб може долго да инсистира на поставените услови, но дека таквата политика не му одговара поради односите со Германија и другите влијателни членки на ЕУ, пренесе РТНК.
Министерката за труд, вработување и социјален дијалог Наида Нишиќ изрази уверување дека е можен компромис со Хрватска, но предупреди дека тоа не значи прифаќање на сите барања.
– Во спротивно нема компромис, туку има одредени ултиматуми – рече Нишиќ, која очекува Црна Гора да стане членка на ЕУ во 2028 година.
Таа потсети дека дел од споровите меѓу Хрватска и Словенија останале отворени и по хрватското зачленување, објави А Плус.
Политичкиот аналитичар Данило Калезиќ смета дека европските држави можат да посредуваат, но договорот зависи од политичката волја во Подгорица и од одговорноста на двете влади.
Тој ја поврза реакцијата во Брисел со однесувањето на црногорското владејачко мнозинство, пренесе Телевизија Е.
Еден од лидерите на Европскиот сојуз, Иван Вујовиќ, ја обвини власта дека со години знаела за хрватските барања, но не направила суштински напредок.
Според него, одложувањето на решавањето на спорните прашања ја довело Црна Гора во тешка положба токму во пресудниот период за завршување на преговорите, објави „Портал Аналитика“.
Најостра позиција зазеде лидерот на Демократската народна партија Милан Кнежевиќ, кој на собраниска седница на 14 октомври порача дека неговата партија нема да прифати договори со Хрватска и повика на „востание“ доколку Владата направи такви отстапки.
Пленковиќ на 17 октомври ги оцени неговите изјави како неконструктивни и порача дека не очекува црногорскиот државен врв да ги следи.
Пленковиќ ја спомна Македонија како предупредување
Објаснувајќи го хрватскиот пристап, Пленковиќ на 15 октомври во Брисел направи споредба со Северна Македонија.
Како што пренесе Радио-телевизија Црна Гора, тој потсети дека на загрепскиот самит во 2000 година Македонија институционално била пред Хрватска.
Пленковиќ оцени дека две држави ѝ одзеле 21 година европско приближување на Македонија, во периодот од 2005 до 2026 година.
– Хрватска не го зазеде тој пристап. И покрај тешкото наследство, кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно – рече Пленковиќ.