На Владата не ѝ требал масер за советник, стара била систематизацијата
Квалификацијата „кинезиологија“, како еден од поставените услови, освен завршени политички и економски науки, е целосно несоодветна за работната позиција, велат од Владата.
Владата на јавниот оглас кој е објавен неодамна не барала масер за државен советник за општи и организациски работи кој ќе зема плата од 36.000 денари, туку станува збор за стара систематизација која ја опфаќа и квалификацијата „кинезиологија“, а која за идниот владин советник е несоодветна. Ова е одговорот од Владата даден за Плусинфо зошто на Владата и е потребен масер за државен советник. И кого и како ќе советува.
– Квалификацијата „кинезиологија“, како еден од поставените услови, освен завршени политички и економски науки, е целосно несоодветна за работната позиција. Ваквиот услов за оваа работна позиција е според систематизацијата од 2015 година која се менува. Во моментов се подготвува нова систематизација, што е долготраен процес, и за оваа работна позиција нема да постои тој услов – велат од Владата.
На прашањето дали тукму со квалификацијата „масер“, која треба да ја исполни кандидатот за советник не значи дека огласот е наместен за конкретно лице, од Владата уверуваат дека станува збор за јавен оглас на којшто секој што ги исполнува критериумите може да конкурира. Од Владата тврдат дека кандидатот не е однапред избран, а ќе биде избран откако ќе заврши огласот и ќе се разгледаат сите пристигнати апликации.
Како што веќе објавија медиуми, Владата отвора ново работно место за плата од 36.000 денари, при што апликантните треба да исполнуваат посебни услови, како работно искуство од најмалку 16 години. Во огласот се бара лицето кое ќе конкурира да има завршено, политички науки, економски науки, но и кинезиологија.
Инаку кинезилогоијата е наука за движење на човековото тело. Кинезиологија се фокусира на физиолошкиот развој, биомеханичкиот како и на психолошките и динамички принципи на механизмите на движење.
Ова не е единствен оглас на власта каде за одредено работно место се бара кадар со несоодветно образование. Пред неколку дена Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), објави оглас за вработување, во кој се бара советник кој ќе го советува директорот за административни работи, а услов е да има завршено ликовна уметност или организациски науки и управување.
Извесно е дека барем уште подолго време Владата и другите државни институции ќе објавуваат огласи каде за работни позиции ќе се бараат квалификации кои воопшто не соодветствуваат на работното место кое се нуди, бидејќи како што велат од Извршната власт промената на систематизацијата е долготраен процес, односно нема конкретен одговор кога ќе биде готова новата систематизација.