МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗАГУБА ОД НОВИТЕ ЦАРИНИ Германските брендови пред голем предизвик

Американските царини од 25% може да предизвикаат милијардски загуби и да ги натераат производителите да го префрлат производството.

350

Новите американски царини за автомобили од Европската Унија најмногу ќе ги погодат германските производители.

Царината од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ и извезени во САД би можела да предизвика дополнителни годишни трошоци од околу 2,5 милијарди евра (2,9 милијарди долари) за германскиот автомобилски сектор, покажува истражување објавено денеска.

Како што пренесува ДПА, се очекуваат и зголемени трошоци за извозот на германските производители кои произведуваат во други земји од ЕУ, според анализата на Центар за автомобилски истражувања.

Директорот на центарот, Фердинанд Дуденхофер, оцени дека мерката, која ја најави американскиот претседател Доналд Трамп, иако формално се однесува на целата ЕУ, е јасно насочена кон Германија.

– Бидејќи извозот на други странски производители на автомобили во САД е помал, новите царини може да се толкуваат како почеток на економска војна насочена кон Германија – изјави Дуденхофер.

Тој додаде дека е малку веројатно производителите целосно да го преземат товарот од царините.

– Ќе се направи обид дел од трошокот да се префрли врз американските купувачи преку зголемување на цените – посочи тој.

Според него, германските брендови имаат корист од силната лојалност на клиентите, што значи дека купувачите веројатно нема лесно да се префрлат на конкуренцијата.

Дуденхофер нагласи дека влијанието од царините ќе биде различно. Компаниите како „мерцедес“ и „бмв“ имаат големи производствени капацитети во САД и делумно се заштитени, бидејќи значителен дел од нивната продажба се базира на возила произведени таму.

Од друга страна, „порше“ и „ауди“ се поизложени на ризик, што може да ги забрза нивните планови за отворање производствени погони во САД.

Генерално, новите царини би можеле дополнително да го зголемат притисокот врз производителите да го префрлат производството надвор од Германија.

Поврзани содржини