МЕРЦ ЈА ПОСЕТИ ГРАНИЦАТА МЕЃУ ДВЕТЕ КОРЕИ Канцеларот посакува обединување по германскиот модел
Германскиот канцелар ја посети демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја и порача дека поделбата на една земја остава длабоки последици, но дека надежта за национално единство не исчезнува.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја посети границата меѓу Јужна и Северна Кореја, од каде што изрази надеж дека двете земји еден ден повторно ќе се обединат, по примерот на Германија.
– Да се надеваме дека и Кореја еден ден ќе има можност да го обнови своето национално единство. Овде, на ова место, може да се види колку една земја страда поради поделбата и колку е силна желбата за обединување, барем во овој дел од Корејскиот Полуостров – изјави Мерц во близина на Корејската демилитаризирана зона.
Тој посочи дека за време на разговорите во Сеул неколкупати бил прашан за германското искуство со обединувањето, оценувајќи дека посетата на границата овозможува непосредно да се почувствуваат последиците од поделбата на една земја.
Корејскиот Полуостров е поделен уште од Корејската војна, која траеше од 1950 до 1953 година. Границата меѓу двете држави е долга околу 248 километри и се протега долж 38. паралела, опкружена со демилитаризирана зона широка приближно два километра.
За време на посетата, Мерц влезе и во една од препознатливите сини бараки, низ чија средина минува линијата на разграничување меѓу двете Кореи.
Токму во Корејската демилитаризирана зона во 2018 година се одржаа директни разговори меѓу тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џае-ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. На тој историски состанок, првпат севернокорејски лидер стапна на територијата на Јужна Кореја.