МАКЕДОНИЈА СЕ ЖАЛИ ЗА СУДЕЊЕТО, РУСТЕМОВСКИ ОСТАНУВА СО БРОНЗА Судиите може да одговараат за полуфиналето во Таранто

Македонската делегација смета дека Рустемовски бил оштетен во полуфиналето. Сепак, поднесената жалба не може да го однесе во борбата за злато.

0

Македонската делегација официјално се пожали на судењето во полуфиналната борба на Ален Рустемовски на Медитеранските игри во Таранто. Жалбата е примена, но Рустемовски останува бронзен, а резултатот од мечот нема да биде променет.

Македонскиот боксер загуби од Шпанецот Марин Ернандез со судиска одлука 4-1 во категоријата до 60 килограми. Од македонската делегација сметаат дека Рустемовски бил оштетен и веднаш реагираа.






Жалбата ќе биде разгледана, но…

Жалбата ќе биде разгледана, но нема да влијае врз тоа кој ќе настапи во финалето.

Македонската делегација објасни дека евентуалните последици може да ги почувствуваат судиите.

„Жалбата е примена, ќе се разгледува, но одлуката за тоа кој ќе боксува во финалето останува непроменета. Единствено што може да се случи е да биде поведена дисциплинска постапка против судиите доколку се увиди судиска тенденциозна грешка и да бидат санкционирани. Одлуката може да биде донесена две недели по поднесокот. Ален Рустемовски останува на трето место на овие Медитерански игри“, соопшти македонската делегација.

Рустемовски стигна до полуфиналето по убедлив настап против Албанецот Ариол Зенели. Судијата ја прекина четвртфиналната борба 39 секунди пред крајот на третата рунда.

5 медали за Македонија во Таранто

Со бронзата на Рустемовски, Македонија стигна до пет медали на Игрите. Фати Вејсели и Реџеп Хајдари освоија сребрени медали во борење. Ахмад Магомедов освои бронза.

Бронзена беше и Вероника Консевиќ, единствената македонска претставничка во борење во слободен стил. Таа ја победи српската борачка Милица Перовиќ со 7-5 во категоријата до 57 килограми.

Консевиќ привлече внимание и со една необична спортска приказна. На Игрите беше со своето 11-месечно бебе, кое ѝ беше дополнителна мотивација во борбата за медал.

Поврзани содржини