КРВАВА ДРАМА ВО ВОЛКОВО Кираџија го убил газдата, па си пресудил – застрелан е и синот на жртвата

Според нашите извори, непосредно по пукањето, убиецот си го одзел животот со истрел во главата.

9,514

Утрово Волково осамна во крв и во солзи. Тежок злостор ја потресе мирната населба кога кираџија со неколку истрели го убил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и малолетниот син на сопственикот, дознава Плусинфо.

Според нашите извори, непосредно по пукањето, убиецот си го одзел животот со истрел во главата.






Жителите раскажуваат дека ги разбудиле пукотници од огнено оружје, проследени со сирени на полицијата и на Брзата помош.

Пред очите на соседите се открила ужасна глетка – телото на сопственикот лежело неподвижно и безживотно на скалите, во локва крв.

Но, трагедијата не застанала тука. Во очај и паника, убиецот се забарикадирал во една од собите, не дозволувајќи ѝ на полицијата да пристапи. По извесно време, со последен истрел ставил точка и на сопствениот живот.

Засега нема официјални информации за мотивот на убиството, ниту пак за околностите кои довеле до оваа страшна трагедија.

Соседите, потресени од настанот, велат дека ништо не навестувало ваква трагедија.

– Неколку истрели ме разбудија од спиење, а веднаш потоа се слушна детски плач и лелекање. Прво помислив дека е некоја детска шега со петарди, но за кратко време ги слушнав сирените на полицијата и на Брзата помош. Кога излегов во дворот, сфатив дека мојот прв комшија е убиен, а неговиот син е повреден во раката и однесен во болница – раскажува еден од првите соседи на жртвата.

На улицата владее тешка атмосфера, а полицијата сè уште врши увид на местото на настанот.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Плусинфо ја потврдија информацијата.

„Денеска (24.03.2025) околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с. Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ за укажување помош. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираше МВР.

Директорката на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Марија Срцева Јовановски потврди дека на Клиниката е примен пациент од инцидентот во Волково и дека во моментот се прават испитувања.

– Примен е пациент кој е повреден од огненострелно оружје. Во моментот се прават иследувања кај него. Генерално состојбата кај него е релативно стабилна. Пациентот по испитувањата веројатно ќе продолжи на лекување на Клиниката за пластична хирургија – изјави Срцева Јовановски.

Поврзани содржини