КОВАЧЕВСКИ СО АПЕЛ ДО ГОЛЕМИТЕ ТЕХНОЛОШКИ ГИГАНТИ Камо среќа некој да изгради дата-центар во Македонија

Пратеникот на СДСМ вели дека Македонија мора да ја изгради сопствената примарна дигитална инфраструктура, но и да се надева на голема приватна инвестиција во секторот.

1

Државата има потреба од примарен национален дата-центар, но и од развој на комерцијални дата-центри кои би можеле да привлечат големи технолошки компании, оцени пратеникот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Ковачевски направи разлика меѓу националниот дата-центар, кој би служел за потребите на државните институции, и комерцијалните центри кои обезбедуваат услуги за компании и други корисници.






– Национална потреба на државата и тоа се нарекува национален дата-центар, и второто е комерцијални дата-центри коишто нудат услуги на комерцијални клиенти – рече Ковачевски.

Според него, разговорите за изградба на национален дата-центар во Македонија се водат со години. Тој рече дека и самиот бил дел од тие разговори, но дека пред повеќе од една деценија потребата сè уште не била доволно созреана во државните институции.

Ковачевски посочи дека денес, со зголемувањето на количината на податоци и забрзаната дигитализација на институциите, потребата е многу поголема.

– Македонија нема национален примарен дата-центар, ние имаме секундарен дата-центар и тоа е отворен во времето кога јас ја предводев Владата, започнат е претходно, поддржан е од ЕУ – рече тој.

Секундарниот дата-центар се наоѓа во Прилепско и има улога на резервна инфраструктура за заштита и обновување на податоците и системите. Во меѓувреме, Владата најавува изградба на примарен национален дата-центар, а според досегашните информации се разгледуваат повеќе потенцијални локации во Скопскиот регион. За проектот е изработена и физибилити студија.

Ковачевски рече дека ја слушнал најавата на министерот за дигитална трансформација за изградба на примарен дата-центар во Скопје и оцени дека тоа би било добро решение.

– Денес го слушав министерот за дигитална трансформација дека Македонија веќе подготвува дата-центар којшто ќе биде примарен, на територија на Скопје, со големина којашто одговара на институциите и тоа е добро решение – рече Ковачевски.

Тој објасни дека централизирањето на хардверската инфраструктура би овозможило подобра заштита на податоците и системите на институциите, како и полесно воведување нови дигитални услуги.

Покрај државната инфраструктура, Ковачевски зборуваше и за можноста Македонија да привлече голема странска инвестиција во комерцијален дата-центар.

Според него, во земјава веќе постојат неколку помали комерцијални дата-центри, главно поврзани со телекомуникациски оператори и банки.

– Камо среќа да се појави потреба да одреден голем играч изрази желба на територија на Македонија да гради дата-центар – рече Ковачевски.

Како пример за големи инвестиции во оваа област ја посочи Германија. Гугл во ноември 2025 година најави инвестиција од 5,5 милијарди евра во Германија во периодот 2026–2029 година, која опфаќа изградба на нов дата-центар во Диценбах, продолжување на инвестициите во постојниот дата-центар во Ханау, како и проширување на канцелариската инфраструктура во Берлин, Франкфурт и Минхен.

Гугл наведува дека центарот во Ханау е дел од Гугл Клауд регионот Франкфурт/Мајн и обезбедува инфраструктура за услуги во облак, вклучително и услуги поврзани со вештачка интелигенција. Затоа, тврдењето дека станува збор за „централниот дата-центар на Јутуб“ е подобро да не се користи како факт.

Ковачевски ја посочи и регионалната инфраструктура на Гугл, особено Софија. Гугл официјално наведува дека има мрежен „point-of-presence“ во Софија, преку кој се обезбедува поврзување со повеќе земји во Источна Европа, меѓу кои и Македонија и Грција.

– Регионални играчи преку коишто тече сообраќајот на Гугл се Бугарија и Грција, Македонија тука ја нема. Камо среќа да се појави потреба да одреден голем играч изрази желба на територија на Македонија да гради дата-центар – рече Ковачевски.

Според актуелните најави, примарниот национален дата-центар треба да претставува централен дел од државната дигитална инфраструктура, додека паралелно се отвора прашањето дали Македонија може да привлече и големи приватни инвестиции во оваа област.

Поврзани содржини