НАЦИОНАЛЕН ДАТА ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО БЛИЗИНА НА СКОПЈЕ Наместо по подруми и тоалети, податоците ќе се чуваат на едно супер безбедно место
Националниот дата центар претставува објект од критична државна инфраструктура, кој што е помал од 1 мегават инсталирана моќност и се разликува од приватни иницијативи во дата центри, кои што се со различен габарит и различни потреби.
Речиси 7 трилиони долари ќе се вложуваат наредните 6 до 10 години во изградба на дата-центри во светот. Да успееме 0,01 проценти да донесеме од тоа во регионот, не само во Македонија, тоа ќе биде огромен напредок и затоа и државите од регионот работат на вакви проекти, вели во интервју за МИА министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Ние не сме држава која е најатрактивна во светот за вакви инвестиции. Има многу држави во кои се инвестира – вели Андоновски и додава дека размислувањето треба да биде од аспект на привлекување знаења, вештини, високо платени работни места кај македонските инженери, екосистем, кој, освен дата-центар, носи заедно други сродни дејности и висока технологија.
Министерството работи на повеќе проекти, од кои од особено значење се националниот дата-центар и оптичката инфраструктура. За националниот дата-центар изработена е физибилити-студија и во моментот се разгледуваат локации што ќе бидат во индустриски зони, во индустриски капацитети, најверојатно во близина на Скопје, и што е многу важно на друга тектонска плоча од Прилеп, каде се наоѓа државниот центар за податоци.
Адноновски објаснува дека и конвенционалните производствени капацитети што во моментот што ги има во Македонија, производство на автоделови, автоматизирано производство на други делови, производство на храна, конфекција, текстил итн., – сите тие трошат некој вид енергија, најчесто електрична, како што би трошеле и дата центрите.
– Луѓето што работат во дата-центрите се облак-инженери, инженери на мрежи, кибербезбедност, мониторинг, техничари, зборуваме за плата која далеку, далеку ги надминува платите на сегашните инженери во државата. И ако сакате, да зборуваме и за диверзификација на индустријата затоа што кај нас фокусот на индустријата е претежно на автомобилската. Таа гледаме дека се соочува со предизвици во ЕУ, мора да понудиме алтернативи и диверзификација на индустријата – појаснува Андоновски.
Државата во моментот функционира со десетици помали серверски соби и мали дата-центри во институциите. Министерот вели дека ние мора да имаме една институција што ќе се грижи за податоците и за системите на кои тие податоци се сместени, а на тој начин ќе се оптимизираат и потрушувачката на струја и потрушувачката на вода, и на други ресурси.
Во секундарниот дата-центар во близина на Прилеп само три или четири институции во државата ги чуваат своите заштитни системи, вклучително и Министерството за дигитална трансформација.
– Па, имаме апсурди, сервери да се губат, се чуваат на несоодветни локации, како што се ходници, подруми, тоалети. Сме видели десетици апсурдни ситуации, а државата никогаш не размислувала систематски од овој аспект – појаснува Андоновски.
Националниот дата-центар е дел од реформската агенда поддржана од Европската Унија.
– Кога зборувам голем национален дата центар, тоа не треба да се меша со приватни иницијативи во дата центри, кои што се со различен габарит, различни потреби – вели тој и објаснува дека Националниот дата центар претставува објект од критична државна инфраструктура, кој што е помал од 1 мегават инсталирана моќност.
Тоа значи дека наместо да имаме 50-тина мали дата центри, какви што имаме во моментот, низ сите државни институции, би имале еден центар.
Во Македонија веќе 15 години има неколку приватни дата центри, кои што се од помал обем, до 5 мегавати инсталирана моќност, а кои што се користат за колоцирање на податоците на приватните субјекти. Нив ги користат телеком оператори, банки, осигурителни компании.
Хрватска најави уште пролетва изградба на повеќе од 150 мегавати дата центар помеѓу Сплит и Загреб. Србија пред десет години инвестираше во свој национален дата центар, којшто тие сметат дека не треба да го користат само за државна инфраструктура, туку го издаваат, го лоцираат и на приватниот сектор, па таму е сместен дел од „Нвидија“. Грција има и фабрика за вештачка интелигенција и голем дата центар. Бугарија инвестира во десетина проекти во моментот. Романија има четири инвестиции во големи дата центри.