МИЦКОСКИ ПОБАРА ПАРТНЕРОТ ВО НАТО, БУГАРИЈА, ДА ГО ИСПОРАЧА ЛИЦЕТО ШТО СЕ БАРА СО ПОТЕРНИЦА Осудениот Михаилов гостува на бугарски телевизии и се појавува на протести во Софија
Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО и очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, да бидат испорачани, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата, рече премиерот Христијан Мицкоски за случајот со Симеон Михаилов, кој е осуден на 12 години затвор, но избега пред да ја отслужи казната.
Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот со Симеон Михаилов, кој е осуден на 12 години затвор во Македонија, но избега пред да ја отслужи казната, а сега се појавува на бугарски телевизии и на протести во Софија, од каде ја брани неговата ќерка Ива Михаилова, на која во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со еден загинат.
– Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачааат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата – рече Мицкоски.
Софија деновиве го драматизира случајот со Ива Михаилова, која има македонско и бугарско држајанство, во контекст дека Македонија не ѝ дозволува да се лекува во Бугарија. Два македонски суда одлучија на Михаилова да не ѝ го вратат одземениот пасош, затоа што здравствените услуги кои ѝ се потребни се достапни и во Македонија. Судењето против неа е во тек, а на рочиштето пред три дена присуствуваа и шестмина пратеници од бугарското собрание.
Министерството за внатрешни работи деновиве потврди дека меѓународната потерница по Симеон Михаилов е сè уште активна.
Михаилов е дел од случајот „Детонатор“ и бил осуден за дела поврзани со обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната судска постапка е намалена. Во текот на постапката тој избегал од Македонија, а во 2014 година бил екстрадиран од Италија, каде бил уапсен по меѓународна потерница. Подоцна повторно избегал и сега се јавува од Бугарија.