КОГА БИЛ СДСМ ЦИЦИЈА ЗА МИНИСТЕРСТВА ЗА АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ? Алијанса ќе влезе со 3 ресори, Алтернатива нема да излезе, ДУИ ќе накриви капа

Алијанса сигурно ќе влезе во владата, а Алтернатива нема да излезе. Сето тоа ќе се3 оправда со потребата за окрупнување на Владата заради европската агенда. СДСМ ќе попушти ако треба, само за да ја избегне опасноста од распишување предвремени избори, тврди извор на Плусинфо.

4,332

Алијанса на Албанците (АА) најверојатно ќе добие три министерства во владата на Димитар Ковачевски, брифираат извори од оваа партија. Ресорите правда и здравство наводно веќе се капарисани, а од рокадата на министерствата меѓу СДСМ и ДУИ зависи дали третиот ресор ќе биде образование, екологија или земјоделство.

Поделбата на пленот ќе биде позната по денешната средба во Владата (вторник, 31 јануари) помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на Алијанса, Арбен Таравари. Средбата е закажана во 13 часот. Гостиварчанецот Таравари најавува дека на средбата со Ковачевски ќе дојде со програма со пет точки, кои мора да бидат прифатени пред да се разговара за поделбата на ресорите.






Добро упатени извори, сепак, велат дека програмските разлики, доколку воопшто ги има, лесно ќе се испеглаат и дека во ваквите преговори секогаш доминира поделбата на министерствата, на заменичките и на директорските места и на другите привилегии.

Токму од тука наводно произлегува опасноста влезот на Алијанса во владата на Ковачевски да го доведе во прашање опстанокот на Алтернатива на Африм Гаши. Лидерот на алтернативците засега молчи, но затоа други брифираат и отворено зборуваат дека оваа партија сѐ уште не ги добиле сите раководни позиции кои им биле ветени кога влегле во владата, а сега наводно треба да се откажат и од други позиции заради влезот на АА.

– На Алтернатива не ѝ пречи Алијанса за Албанците да влезе во владата, на нас ни пречи кога некој не го почитува тоа што го договоривме. Кога станавме дел од оваа влада, потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници – изјави секретарот на оваа партија, Зекрија Ибрахими, алудирајќи на „огнената група“ во ДУИ, која отворено настапува против Али Ахмети и Артан Груби.

Сепак, извесно е дека ДУИ нема да ги жртвува своите силни позиции во владата на Ковачевски. Извор на Плусинфо близок до СДСМ проценува дека и тоа нема да биде пречка да дојде до окрупнување на владејачкото мнозинство.

– Нема ништо спектакуларно да се случи. Алијанса ќе влезе во владата, Алтернатива нема да излезе. СДСМ ќе попушти ако треба, само за да ја избегне опасноста од распишување предвремени избори. Очекувам таа работа да биде јасна уште денеска (вторник, 31 јануари), пред седницата на Извршниот одбор на партијата. Премиерот Ковачевски има и дополнителен мотив да успее оваа операција, а тоа е да го зацврсти единството во раководството на СДСМ, делумно разнишано по активностите на поранешниот лидер Зоран Заев во декември – вели нашиот извор.

Поврзани содржини