📷 ИСПУКАЛЕ ЅИДОВИТЕ, МОЖНО Е ЦЕЛОСНО РУШЕЊЕ Црква стара 150 години настрада од минирањата на „Бехтел и Енка“ кај Прилеп, обвини Левица

Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект, реагираше Левица.

1,108

Во селото Ореовец, Прилепско, се наоѓа црквата ,,Св. Димитрија”, која е гробиштен храм изграден во 1874 година. Црквата претрпе огромни штети, по вршењето на минирањето од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, реагираше Левица преку соопштение.

„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во црквата има фрески постари од 150 години – дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај. Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење. Покрај штетата на црквата, од минирањето: загрозени се извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп со вода; оштетени се куќи во селото Ореовец; се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни. Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување“, наведено е во соопштението.






Пратеникот од редовите на Левица – Сашко Јанчев, присуствуваше на протестите и даде поддршка на блокадата.

Левица претходно го блокираше спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ со илјадници амандмани.

„Сега најавуваме дека нашите активисти се спремни веќе и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните“, најави партијата.

Поврзани содржини