И ПОРТУГАЛСКИОТ ИЗВЕСТУВАЧ НА СТРАНАТА НА МАКЕДОНИЈА Унијата не смее да се меша, тоа е вон критерумите
Покрај Томас Вајц, и португалскиот известувач во сенка за Македонија Антонио Танжер Кореја оцени дека Брисел не смее да навлегува во политичкиот систем на Македонија и дека тоа ги крши Копехашките критеруми на самата Европска Унија.
Дебатата за европската иднина на Западен Балкан во Европскиот парламент донесе уште една порака што предизвика реакции кај бугарските европратеници.
Покрај известувачот за Македонија, Томас Вајц, поддршка за земјата искажа и португалскиот известувач во сенка Антонио Танжер Кореја.
– Повеќето од овие земји порано беа многу поблиску до ЕУ. Наша е вината, поради тоа што ги напуштивме. Во однос на Република Северна Македонија, се согласувам дека ни е потребна во ЕУ, но нема потреба да се мешаме во нивниот политички систем и во нивната рамка. Тоа оди подалеку од Копенхашките критериуми, што не е прифатливо – рече Кореја.
Според него, ваквиот пристап не претставува политика на проширување.
– Ова не е политика на проширување, туку „раздели па владеј“. Ние не се согласуваме со какво било мешање во овие земји – додаде португалскиот европратеник.
Неговата изјава беше протолкувана како критика на барањата поврзани со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Вајц повторно ја бранеше Македонија
Во истата дебата, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц, повторно порача дека земјата заслужува напредок на европскиот пат поради реформите што ги спровела.
Тој посебно внимание привлече со споредба поврзана со Австрија и соочувањето со минатото.
– Инвестирањето во помирување и во добри билатерални односи не е лесно. На Австрија ѝ беа потребни 40 години за да признае дека била соучесник во нацистичкиот режим – рече Вајц.
Тој предложи и бришење на параграфот 73 од извештајот за Македонија.
Станува збор за делот во кој се бараат „реално остварливи резултати“ од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, согласно Вториот протокол.