И МАКЕДОНИЈА МОРА ДА МИСЛИ КАКО ДА СЕ БРАНИ ОД НАПАДИ ОД ДРОНОВИ Со закон ќе се штити критичната инфраструктура

Националниот пристап за заштитата во процесот на идентификација на критичната инфраструктура најпрво треба да се посвети на заштитата на телекомуникациите, системите за производство на електрична енергија, дистрибуција на енергија и вода.

361

Во ера на глобализација и несигурност, како и пораст на разни видови тероризам, носењето на законот за критична инфраструктура е повеќе од неопходно, заклучија учесниците на десеттата сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност, во рамки на Националната конвенција за ЕУ на Северна Македонија, посветена на „Спречување и борба против тероризмот: Националната и европската перспектива во идентификувањето и заштитата на критичната инфраструктура“.

– Потребата од носење посебен закон за заштита на критичната инфраструктура е веќе предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, кој во октомври 2019 година го потпишавме со Европската комисија и со кој преземавме обврска да го изготвиме и донесеме наведениот закон. Меѓутоа, тоа не е само обврска на нашиот пат кон ЕУ, туку должност пред нас самите, одговорност кон државата и кон нашите граѓани – изјави министероит за внатрешни работи Оливер Спасовски.






Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолски, истакна дека се прават сериозни активности околу подготовката на законот за критична инфраструктура.

– Посебен фокус, кога се зборува за критична инфраструктура, треба да се обрне на актуелната опасност што сега се истакнува а е тренд во борбата против тероризмот е од можноста за загрозување на критичната инфраструктура со напад од дронови. Посебен проблем претставува и заканата од кибер напад, а ние како држава мора да одговориме на модерните закани – истакна тој.

Според него, најчесто мета на напад се енергетски системи, интернет провајдери, а посочи и дека треба да се развие регионалната соработка во заштитата на критичната инфраструктура.

Учесниците во дебатата истакнаа дека во Хрватска законот за критичната инфраструктура е донесен во 2013 година, а во Србија во 2018 година. Бојан Елек, заменик директор на Белградскиот центар за безбедносна политика, предупреди:

– Во Србија веќе стравуваме дека постои тренд прописите што се однесуваат на тероризмот да се злоупотребат за ускратување на слободите и за дополнителен притисок врз граѓанското општество.

Словачкиот експерт Томаш Стражај, директор на Словачка асоцијација за надворешна политика, Братислава, истакна дека борбата против тероризмот не е ограничена на одреден регион. Тој изрази загриженост за случувањата во Украина, како и за другите безбедносни ризици со кои државите треба да се соочат.

Во предлог-препораките од собирот се наведува дека националниот пристап за заштитата во процесот на идентификација на критичната инфраструктура најпрво треба да се посвети на заштитата на телекомуникациите, системите за производство на електрична енергија, дистрибуција на енергија и вода.

 

Поврзани содржини