КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДРАМАТИЧНА БРКОТНИЦА СО ПОЛИЦИЈАТА ВО ЃОРЧЕ Дилери му одзеле пиштол на полицаец, бегале, па се превртеле на автопат

По одземањето на пиштолот полициски службеници кои биле поставени во близина се упатиле по возилото „бмв“ кое со голема брзина се движело по улицата Ѓорче Петров кон автопатот Скопје-Тетово, притоа оглушувајќи се на звучните и светлосни знаци од полициските службеници, а од страна на еден полициски службеник испукани се и три предупредувачки проектили во воздух, соопшти полицијата.

147

Полицијата поднесе кривични пријави против 3 лица за сторени кривични дела Спречување службено лице во вршење службено дејствие и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Пријавите се за драматичниот настан кој се случи на 7 октомври, кога полицајците требало да уапсат лица за продажба на канабис, но еден од осомничените му го одзел пиштолот, по што настанала голема потера низ Ѓорче Петров, а полицајците пукале во воздух. На крај, осомничените со возилото излетале од патот, по што биле уапсени.






„Во врска со кривично правниот настан, кој се случил на 7.10.2026 година околу 20:25 часот на улицата Црногорска во Скопје, каде при заседа на патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, а по претходно добиени оперативни сознанија дека ќе биде извршено кривично дело по член 215, купопродажба на марихуана, веднаш по добиените информации се преземени соодветни мерки и од страна на полициските службеници даден е знак за запирање на патничкото возило „бмв“. Откако полициските службеници се упатиле кон возилото со цел легитимирање и преглед, возачот го стартувал возилото, при што удрил во бандера и во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана“, соопшти полицијата.

Во тој момент еден од полициските службеници го извадил својот службен пиштол и од совозачката страна на полуотворениот прозорец издал наредба „стој полиција“, се додава во соопштението.

„Притоа од страна на лицето од совозачката страна му бил одземен службениот пиштол, а возачот го стартувал возилото и се дал во бегство. Полициски службеници кои биле поставени во близина, се упатиле по возилото кое со голема брзина се движело по улицата Ѓорче Петров кон автопатот Скопје-Тетово, притоа оглушувајќи се на звучните и светлосни знаци од полициските службеници, а од страна на еден полициски службеник испукани се и три предупредувачки проектили во воздух. Во еден момент возилото „бмв“ удрило во банкина на автопатот и се извртело, по што од возилото излегле возачот П.А.(24) и совозачот Е.П.(21). Лицата се лишени од слобода, пиштолот е одземен, а по извршено пребарување на теренот пронајдена е кеса со марихуана“, соопшти полицијата,

Во координација со ОЈО Скопје од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО денеска (14.10.2026) е поднесена кривична пријава против Е.П. и П.А. за сторено кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од Кривичниот законик и за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, по член 215 од КЗ.

„Против М.Т. за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот поднесена е кривична пријава за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 од КЗ“, се вели во соопштението.

За настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој презема мерки и активности во врска со евентуалните неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај, соопшти полицијата.

Поврзани содржини