ХАШИМ ТАЧИ ИМ ПОРАЧА НА СВОИТЕ СОГРАЃАНИ ДА ОСТАНАТ МИРНИ Неговата одбрана се надева дека ќе ја собори пресудата против него
Одбраната смета оти заклучоците на Судскиот совет за вината надвор од разумно сомневање се потпираат врз недоволни и непотврдени докази.
Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, преку својот адвокат Лука Мишетиќ се огласи по пресудата на Специјализираниот суд во Хаг, кој го осуди на 25 години затвор.
Како што пренесе тој, Тачи се заблагодари за големата поддршка што тој, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи ја добија од народот на Косово и од странство, и ги повика граѓаните на Косово да останат мирни во врска со пресудата на судот, која ја нарече „неправда“.
Адвокатот на Тачи наведе дека ќе биде поднесена жалба на пресудата поради правни и фактички грешки кои ја нарушиле праведноста на постапката. Одбраната смета оти заклучоците на Судскиот совет за вината надвор од разумно сомневање се потпираат врз недоволни и непотврдени докази.
– Судскиот совет вчера јавно тврдеше дека Тачи бил вмешан во убиството на Бехајдин Алаќи, откако претходно им наложи на сите страни во постапката да не расправаат за случајот Алаќи на јавните седници на судот и откако наложи сите докази во врска со тој случај да останат доверливи. Судскиот совет така јавно го осуди Тачи за убиство, додека истовремено доказите врз кои го засноваше тој заклучок ги скри од увидот на јавноста. Одбраната ќе се жали на одлуките на Судскиот совет поради кршење на неговите основни права на праведно судење според Европската конвенција за човекови права и според Уставот на Косово – изјави адвокатот на Тачи.
По објавувањето на пресудата за челните луѓе на ОВК во Косово избија жестоки демонстрации, во кои беше запален објект на ЕУЛЕКС во близина на Приштина.