📽️ УШТЕ ЕДНО НЕПО БЕБЕ СЕ СПРЕМА ДА ГО ОСВОИ ХОЛИВУД Која е Ела Бити?

26-годишната актерка, ќерка на Ворен Бити и Анет Бенинг, ја доби првата главна телевизиска улога во новата сезона на хит-серијата на Нетфликс

1

Ела Бити, најмладата ќерка на холивудските ѕвезди Ворен Бити и Анет Бенинг, го прави најголемиот чекор во досегашната кариера. 26-годишната актерка ја толкува Лизи Борден во четвртата сезона на антологиската серија „Monster“, која од 17 септември е достапна на Нетфликс. Станува збор за нејзината прва главна телевизиска улога.

Лизи Борден во 1892 година била обвинета дека со секира ги убила својот татко Ендру и маќеата Еби. Следната година била ослободена од обвиненијата, а случајот со децении останал еден од најпознатите нерешени криминални случаи во американската историја.






Во серијата „Monster: The Lizzie Borden Story“, Бити ја игра токму оваа комплексна историска фигура, а во актерската екипа е и Чарли Ханам.

Иако е родена во едно од најпознатите холивудски семејства, Бити не тргнала веднаш по патот на детска ѕвезда. Како дете настапувала во локален театар, во мјузиклите „Ени“ и „Кралот лав“, а потоа избрала формално актерско образование. Во 2022 година дипломирала на престижниот „Џулијард“ во Њујорк.

Нејзината професионална кариера започнала со улога во серијата „Feud: Capote vs. The Swans“, а во 2024 година дебитирала и на Бродвеј во претставата „Appropriate“, каде што ја заменила Ела Фенинг. Потоа се појавила и во филмот „If I Had Legs I’d Kick You“, со Роуз Бирн, а сега добива можност да ја носи целата сезона на една од најпознатите антологии на Нетфликс.

Бити отворено признава дека презимето ѝ носи одредена предност. Во интервју за „Vogue“ во 2024 година рекла дека е целосно свесна оти познатите родители носат „привилегија и изложеност“, но додала дека се надева оти може да понуди нешто значајно со својата работа. Нејзини родители се Ворен Бити и Анет Бенинг, а нејзина тетка е легендарната актерка Ширли Меклејн.

Интересно е што Бити веќе има следен голем проект. Таа ќе глуми и во филмската адаптација на романот „Стакленото ѕвоно“ („The Bell Jar“), во режија на Сара Поли, во кој меѓу останатите ќе се појават и Били Ајлиш и Кери Малиган.

Поврзани содржини