(ФОТО+ВИДЕО) ОВОШЕН СЛАДОЛЕД ЗА ЛЕМУРИТЕ, ЛУБЕНИЦА ЗА НИЛСКИОТ КОЊ Еве како се разладуваат животните во скопската Зоолошка градина

Од ЗОО Скопје за Плусинфо велат дека секогаш во најтоплите денови, по препорака на биолог и во согласност со нивната табличка за исхрана, се прават сладоледи за разладување на животните.

1,004

Замрзнати „десерти“, разладени лубеници, овошни сладоледи, како и често „туширање“ е тоа што го добиваат животните во скопската Зоолошка градина за време на големите горештини.

Вработените во Зоолошката вложуваат максимални напори во обидот да ги разладат.






фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Топлотниот бран и температурите кои достигнаа над 40 степени ја внесоа земјава во портокалова фаза, па спасот послесно да се надмине „пеколот“, покрај луѓето, го посакуваат и жителите на Зоолошката градина во Скопје.

Секогаш кога стрелката на термостатот ќе ја надмине нормалната температура, зоо-негувателите им овозможуваат на своите крзнени пријателчиња да го добијат потребното освежување.

Од ЗОО Скопје за Плусинфо велат дека секогаш во најтоплите денови, по препорака на биолог и во согласност со нивната табличка за исхрана, се прават сладоледи за разладување на животните.

– Морските лавови добиваат замрзнати „десерти“ со папалина и сардина, нивните омилени риби. Нилскиот коњ, слоновите, макаки мајмуните добиваат разладени лубеници, а овошни сладоледи добиваат и лемурите, патасите, шимпанзата, капуцинерите. За големите мачки- тигрите, лавовите се подготвуваат сладоледи од месо – нѐ информираа од Зоолошка.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Оттаму додаваат дека покрај исхраната, се внимава животните постојано да се на сенка или во климатизирани простории, да имаат целодневно свежа вода, како за пиење, така и за капење.

– Во повеќето живеалишта има базени, а животните ги разладуваме и со црево. Најмногу во оваа активност уживаат слоновите и мечките – велат од ЗОО Скопје.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

И наредните денови зоо-негувателите ќе имаат полни раце работа бидејќи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозира дека топлото време ќе се задржи и во текот на следните денови, а на целата територија на државата в четврток и в петок ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Поврзани содржини