СТО УАПСЕНИ ЗА ВАНДАЛИЗИРАЊЕ НА ПРОТЕСТИТЕ ВО БАРСЕЛОНА И малолетници ограбуваа продавници и палеа контејнери

Властите најавија и можни правни последици за родителите или старателите на малолетниците вмешани во инцидентите.

1

Во Барселона во саботата вечерта беа уапсени 100 лица по немирите што избувнаа за време на протест со економски и социјални барања. Демонстранти со лица покриени со качулки ограбуваа продавници и палеа улична опрема во околината на централниот плоштад Каталуња, соопштија шпанските власти.

Околу 25 отсто од уапсените се малолетници, изјави Нурија Парлон, министерката за внатрешни работи на Каталонија. Според неа, биле предизвикани повеќе од 30 пожари, а 14 продавници биле оштетени или ограбени во дел од градот кој е популарен меѓу туристите и посетителите за време на викендите.






Протестот бил организиран преку објави на социјалните мрежи, со повик за движење „против системот“ и слоганот „Институт Индинјатс“ (Institut Indignats). Името е инспирирано од француското движење „Лицејци на бунт“ (Lycées Indignés), поврзано со протестите на средношколците во Франција во изминатите недели.

Видеоснимки објавени на интернет покажуваат луѓе заглавени во продавници, меѓу кои и во стоковната куќа „Ел Корте Инглес“, откако биле спуштени металните ролетни за да се спречи грабеж. На други снимки се гледаат демонстранти облечени во црно како со клоци кршат излози и изнесуваат стока. Во некои случаи, луѓе што ги следеле настаните преку интернет ги охрабрувале да продолжат со грабежите.

Градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, порача дека вандализмот нема да помине неказнето. Тој најави и можни правни последици за родителите или старателите на малолетниците вмешани во инцидентите.

Протестите на француските средношколци почнаа на 21 септември во Кретел, во предградието на Париз, поради недостигот од наставници и недоволните ресурси во училиштата. За десетина дена се проширија низ Франција, а учениците протестираа и поради преполните училници, лошата состојба на училишните згради и проблемите со образовниот систем. Движењето се организираше и преку социјалните мрежи, а дел од протестите прераснаа во судири со полицијата.

Во Барселона, каталонските власти направија разлика меѓу немирите и другите протести во градот. Според германската ДВ, Парлон и градоначалникот Колбони изјавиле дека настаните не се поврзани со повеќенеделниот камп за право на домување на плоштадот Каталуња, туку станува збор за вандализам и насилство. Во најинтензивниот момент на собирот имало околу 600 млади луѓе, а полицијата почнала да интервенира откако избиле првите инциденти.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by CNA (@channelnewsasia)

Поврзани содржини