ФИЛИПЧЕ ПРЕДЛОЖИ, МИЦКОСКИ РАЗМИСЛУВА ДАЛИ ДА ПРИФАТИ Ќе има ли затворена седница за идните чекори на Македонија на патот кон ЕУ?
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, вчера го повика премиерот Мицкоски да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе го анализира предлогот на лидерот на СДСМ Венко Филипче да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес и дека бргу од денеска ќе даде конкретна позиција поврзана со овој предлог.
– Мора и Венко Филипче нешто да каже. Сега тој одбрал тоа да го каже. Во ред е, ќе го анализираме овој предлог на г. Филипче и бргу од денеска ќе дадеме конкретна позиција поврзана со овој негов предлог – изјави Мицкоски, кој заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, американската амбасадорка Анџела Агелер и генералите во Армијата, присуствуваа на методско-показна вежба на Армискиот полигон „Криволак“.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, вчера го повика премиерот Мицкоски да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес.
Доколку не го стори тоа, тогаш, како што кажа Филипче во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, СДСМ како пратеничка група во Собранието ќе иницира затворена седница на која ВМРО ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство, треба да појаснат дали има план и каков за продолжување на евроинтеграцискиот процес.
Блерим Беџети од Европскиот фронт рече дека „сите треба да работиме и да дадеме свој придонес за да бидеме дел од ЕУ“.
– Нашиот став за евроинтегративниот процес е познат и длабоко сме посветени да се вратиме на вистинскиот пат. Треба сите да работиме и да дадеме свој придонес да бидеме дел од Европската Унија, во спротивно немаме перспектива – посочи денеска Беџети.
Беџети потенцираше дека одвојувањето на Република Албанија на патот за пристапување кон ЕУ е уште еден аргумент дека не се движиме по вистинскиот пат.
– Длабоко сме ангажирани и посветени да се вратиме на вистинскиот пат. Го чекаме 15 октомври кога ќе биде објавен извештајот, и доколку се вистинити информациите за одвојувањето на Република Албанија, тогаш тоа е уште еден доволен аргумент дека нашиот пат кон ЕУ е згрешен од страна на оваа нелегитимна влада. Треба сите да работиме, да дадеме придонес да се вратиме на интеграцискиот пат на државата, да бидеме дел од Европската Унија, во спротивно нема перспектива после овие понуди, а ќе има и економски последици – додаде Беџети.