ФИЛИПЧЕ Е КАКО КОТЕ ОД РУЉА Заев почна со распродажбата на националните интереси, Филипче сака да ја заврши
Валентин Манасиевски го спореди лидерот на СДСМ со еден од најпознатите предавници во историјата на македонското револуционерно движење.
Венко Филипче како Коте од Руља, сè стави на тацна на Бугарија и на Румен Радев, догматично ги следи чекорите на Зоран Заев, рече денеска Валентин Манасиевски од ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Румен Радев не е нов политичар во Бугарија, туку само нов премиер, за кој сите знаеме какви радикални ставови има околу Македонија и македонскиот јазик, народ, идентитет и историја. Да не заборавиме дека за Румен Радев сонародниците на Гоце Делчев се Бугари. Со овие ставови и неговиот однос кон Македонија, јасно ни е дека Бугарија нема да се помрдне ни милиметар од нивните барања, со тоа што ќе нè ветоизира на секое можно поле – рече Манасиевски.
Во ваква ситуација, додаде тој, наместо критика и осуда од македонската опозиција, Венко Филипче втрча во прегратки на Радев и на Бугарија, јасно кажувајќи дека доколку дојде на власт би ги направил уставните измени, би ги прифатил барањата на официјална Софија и дека нема проблем Гоце Делчев да е Бугарин, Илинденското востание да биде запишано како бугарско, односно дека би биле, што би рекол неговиот ментор Зоран Заев, еден народ, две држави.
– Тоа што Зоран Заев го започна со распродажба на државните и на националните интереси, Филипче е спремен да го доврши. Наместо да се вразумат и да застанат на вистинската, на македонската страна, тие за свои лични интереси се спремни за нови национални предавства – предупреди Манасиевски.
Константин Христов Саров, познат и како Коте Христов или Константинос Котас, е една од најконтроверзните личности од периодот на македонското револуционерно движење на почетокот на 20 век. Роден е во 1863 година во селото Руља (денес Котас, во Егејска Македонија).
Во македонската историографија најчесто се памети како човек кој прво бил поврзан со ВМРО, а потоа преминал на страната на грчката вооружена пропаганда — андартите. Токму поради тоа, во македонската јавност името „Коте од Руља“ често се користи како симбол за предавство.
Најпознат и најтежок момент поврзан со неговото име е убиството на војводата Лазар Поп Трајков. Тешко ранетиот војвода побарал засолниште кај Коте, а овој го убил, му ја отсекол главата и ја предал на грчкиот митрополит Германос Каравангелис за награда.