ЕДНА ОД ПОЧИНАТИТЕ ГО УПРАВУВАЛА ВОЗИЛОТО Обинителството откри детали за возилото кое излета кај Рашче

Во несреќата која се случи вчера од возилото беа извлечени три женски тела, по едно машко лице се трага, а четиригодишно дете преживеа и е пренесено во Клинички центар.

1,231

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид на местото на несреќата кај Рашче, каде автомобил со патници излета од патот и падна во водите на Вардар.

И покрај исклучително тешките услови и непристапниот терен, беа преземени сите неопходни дејствија за обезбедување траги и докази, со цел да се утврдат причините за трагедијата.






Од водите на Вардар, заедно со автомобилот, беа извадени три починати женски лица, за кои јавниот обвинител издаде наредба за обдукција. Потрагата по уште едно лице продолжува, додека четиригодишно дете, кое било патник во возилото, е пронајдено повредено надвор од автомобилот и пренесено во Клиничкиот центар.

Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите жени. Јавниот обвинител ќе издаде наредба за вештачење на автомобилот, со цел да се утврди неговата техничка исправност.

Во рамки на истрагата, по насока на јавниот обвинител, се вршат разговори со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството што патувало во автомобилот, за да се разјаснат сите околности поврзани со несреќата.

Од МВР информираа дека околу 21 часот полициски службеници од САЕ Тигар од водите на реката Вардар го извадиле возилото „ауди“ со скопски регистерски таблички, во кое биле пронајдени три починати женски лица Н.А.(23), В.А.(25) и З.А.(59) сите од село Грчец, скопско.

Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција.

Во несреќата со телесни повреди се здобило четиригодишно дете-сопатник, констатирани во Градската општа болница „8-ми Септември“, а се трага по А.А.(56) од с.Грчец,скопско, кој според исказ на роднини, бил во возилото пред да излета од патот.

Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ Тигар и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 24 info (@24info.mk)

Поврзани содржини