НЕ Е НАЕЗДА, ЗМИИТЕ САМО СЕ КОРЗИРААТ Граѓаните загрижени, градоначалниците да бараат чаре
Сезоната на „наезда“ на змии почна. Од Клиниката за инфективни болести велат дека секоја година во земјава, во мај, јуни и во јули, има најмногу каснувања од змии. Во просек, стотина лица се соочуваат со ова искуство. Експертите велат дека постојат средства коишто го ограничуваат движењето на змиите во населените места.
Змии шират паника кај скопјани. Ако се суди според реакциите на социјалните мрежи, градот небаре се претворил во змијарник…
Во последните неколку дена овие влекачи беа забележани низ централното градско подрачје во општините Аеродром и во Карпош, но и на кејот на реката Вардар, каде има голема фреквенција на луѓе.
Мај е период од годината кога поради повисоките температури, змиите се раздвижуваат. Од нив најчесто страдаат земјоделците и рекреативците во природа, но змии има и во градските населби, особено во реонот под падините на Водно и во реонот на Матка.
Граѓаните загрижени за своето здравје бараат од скопските градоначалници да преземат активности, како почесто средување на јавните површини, поставување на средства за превенција, за да се спречи појавата на змии во населените места.
Општината Карпош информира дека во тек е акција за поставување „Репелент“. Станува збор за средство за превенција, односно заштита од змиите.
– Тоа е природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи. Инаку, појавата на влекачи во овие делови е резултат на повисоките температури во скопската котлина, како и распространетата вегетација. Оваа ситуација е карактеристична за повисоките места во општината, како што се Жданец и Трнодол и населби кои граничат со шумско подрачје – информираат од општината.
Карпош тврди дека „Репелент“ е ефикасно средство, кое дејствува на тој начин што шири мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина.
Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ на Фејсбук редовно споделуваат вести за своите активности, за уредувањето на зелените површини кои се под нивна надлежност, како и за одржувањето на кејот на реката Вардар. И тоа делува за спречувањето на појавата на змии во Скопје.
Директорката на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ, каде што најчесто се третираат лицата што се каснати од змии, деновиве кај нив се дојдени неколку граѓани за лекарска помош.
– Може да се каже дека сезоната на змии почна, а со тоа и сѐ повеќе граѓани ја посетуваат нашата клиника за да им биде дадена лекарска помош. Имаме неколку каснувања во последните месеци, како и секогаш ние интервенираме, но не само ние, туку и здравствените центри низ државата, редовно и без пропусти. Препорачуваме граѓаните да бидат повнимателни. Ние сме подготвени и имаме доволни количини на серуми за сите пациенти – вели д-р Стефановиќ за Плусинфо.
Веќе добро познато, лицето кое ќе биде каснато од змија треба веднаш да побараат помош во најблиската болница, односно најдоцна до 24 часа од каснувањето за да се употреби противотров.
Како што велат од Клиниката за инфективни болести, секоја година во земјава, во мај, јуни и во јули, има најмногу каснувања од змии. Во просек, околу стотина лица го искусуваат ова лошо искуство.
Препораката на лекарите е да се биде повнимателен кога се престојува или спортува во природа, оти топлото време предизвика змиите отровници да почнат да шетаат низ планините, на карпите, да ги има под големите камења, но и покрај реките каде што има високи треви и бујна вегетација.
Секоја година, овие влекачи се присутни и во парк-шумата Водно, затоа се препорачува рекреативците да бидат повнимателни и доколку им се случи да бидат каснати, да не ги фаќа паника, веднаш да се јават на лекар и да го примат потребниот противотров.
Познавачите на влекачите велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот. Од април до јуни им е периодот на парењето, но според познавачите, тоа воопшто не ги прави поагресивни.
Во нашата земја постојат 16 различни видови змии, но за среќа само 3 вида се отровни.
Доколку граѓаните забележат змија во своја непосредна околина, се препорачува да ја заобиколат во што е можно поширок круг и да не ја допираат.