📽 ДВАЈЦА АВСТРАЛИСКИ БОЛНИЧАРИ РЕКОА ДЕКА ЌЕ УБИВААТ ИЗРАЕЛСКИ ПАЦИЕНТИ Ќе ги праќале во џенемот

Министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк, рече дека е ужаснат од снимката која стана вирална на социјалните мрежи, на која двајца болничари од болницата „Банкстаун“ во Нов Јужен Велс се закануваат дека ќе убиваат израелски пациенти.

1,109

Двaјца болничари во Сиднеј се соочуваат со кривична истрага за антисемитизам откако во видео на социјалните мрежи тврдеа дека на израелските пациенти во Австралија ќе им биде забрането лекување или ќе бидат убиени, објави британски Индепендент.

Еден од двајцата болничари, инаку вработени во болницата „Банкстаун“, кој лажно тврдел дека е лекар, дури сугерира на снимката дека убивал израелски пациенти.






Премиерот на Австралија, Крис Минс, изјави дека лицата се идентификувани и суспендирани од должност во очекување на целосна истрага.

Министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк, претходно рече дека е ужаснат од снимката која стана вирална на социјалните мрежи, додека, пак, заменик-министерот за надворешни работи на Израел повика на отпуштање на мажот и на жената што се појавуваат на видеото.

– Овие коментари се одвратни, дехуманизирачки и неприфатливи – рече Парк.

Парк додаде дека коментарите од видеото не ги одразуваат вредностите на заедницата на Нов Јужен Велс, болницата во која се вработени болничарите.

Израелскиот инфлуенсер, Макс Вејфер, објави видео на Инстаграм и на Тик-Ток во кое разговара со маж и жена. На прашањето што би се случило доколку израелски пациент дојде во болница, жената изјави дека ќе го убие пациентот.

– Не би го лекувала, би го убила. Еден ден ќе дојде вашето време и ќе умрете на најстрашниот начин. Немате поим колку (Израелци) дојдоа во оваа болница, а јас ги испратив во Џeхенем – додаде човекот.

Џeхенем е исламски еквивалент на подземјето.

Израелската заменик-министерка за надворешни работи, Шарен Хаскел, рече дека треба да се спроведе истрага.

– Треба да има итна истрага за овие двајца австралиски медицински работници кои рекоа дека ќе убиваат израелски пациенти и сугерираа дека веќе го сториле тоа. Тие изразуваат криминална намера против Евреите, ова мора да се запре – рече таа.

Хаскел, кој претходно работела како ветеринар во Австралија, се осврна на антисемитизмот во земјата.

– Антисемитизмот е болест што се шири низ Австралија. Ова однесување мора да биде санкционирано со најстроги законски казни, а најмалку што треба да се направи е да се отпуштат од работа. Тие зборуваат за убивање Евреи, што јасно го покажува вистинскиот расизам и омраза што моментално ги доживува австралиската еврејска заедница – рече таа.

Извршниот директор на Советот на австралиските Евреи, Алекс Ривчин, рече дека видеото е вознемирувачко за гледање.

– Нивната бесчувствителна и радосна омраза е увертира за насилството што сега го доживуваме во нашата земја и што мора да се искорени. Овие двајца медицински работници, вработени во Одделот за здравство на Нов Јужен Велс, мора да бидат идентификувани и веднаш отстранети од секоја ситуација во која би можеле да ги исполнат своите закани и зли намери – рече тој.

Претседателот на Еврејскиот комитет на Нов Јужен Велс, Дејвид Осип, рече дека доколку се открие дека луѓето од видеото се вработени во здравствениот систем на Нов Јужен Велс, веднаш треба да бидат отпуштени.

– Ужасно е што некој мисли дека може толку лесно да изрази таква омраза додека носи медицинска униформа во Одделот за здравство на Нов Јужен Велс – додаде тој.

Поврзани содржини