ДРЖАВНИОТ ДАТА-ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ГРАДИ СЛЕДНАТА ГОДИНА Се бара финансиски партнер за негова изградба
Министерот за дигитална трансформација вели дека има интерес за изградба на дата-центри и од приватниот сектор и дека во текот на неделата се среќаваат со две-три компании, кои покажуваат интерес за ваков вид инвестиции.
Физибилити-студијата за националниот дата-центар е готова и во моментот Владата е во фаза на изнаоѓање финансиски партнери за негова изградба – изјави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Работиме и на урбанизацијата на земјиштето, како и на проектната документација. Очекувам дека до пролет ќе ги затвориме овие прашања и се надевам дека во 2027 година ќе успееме да почнеме со конкретната изградба на националниот податочен центар – вели Андоновски, кој присуствува на отворањето на 9. издание на регионалната конференција за е-трговија.
Тој додаде дека има интерес и од приватниот сектор и дека во текот на неделата се среќаваат со две-три компании, кои покажуваат интерес за инвестиции во податочна инфраструктура, било да станува збор за изградба на нови податочни центри или за проширување и надградба на постојните капацитети.
– Во зависност од тоа дали станува збор за домашни или странски компании, се надевам дека ќе успееме да привлечеме ваков тип на инвестиции – истакна Андоновски.
Во врска со минатонеделниот прекин на услугите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, министерот вели дека не биле зафатени внатрешни системи на Фондот, туку дека станувало збор само за прекин на веб-апликацијата поради што пристапот до услугите бил отежнат.