ИНСТИТУЦИИТЕ ДНЕВНО РАЗМЕНУВААТ ПО 650.000 ИНФОРМАЦИИ Вкупно 300.000 граѓани добиле услуга преку државниот портал за услуги
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува неделава да се пушти и втората верзија на апликацијата со дополнителни подобрувања.
Октомври е најуспешен месец досега во однос на користењето на платформата за интероперабилност. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска соопшти дека се реализирани околу 20 милиони трансакции.
– За споредба, тоа значи дека се реализираат околу 650.000 трансакции дневно, додека во 2024 година имало околу 700.000 трансакции месечно. Тоа значи дека денес достигнуваме број на трансакции што претходно се реализирале за цел месец. Овој раст се одразува и врз користењето на порталот за услуги. Октомври беше убедливо најтрансактивниот период на порталот, а околу 300.000 граѓани ги искористиле услугите само во текот на месецот – изјави Андоновски пред 9. издание на Регионалната конференција за е-трговија што се одржува во Скопје.
Оваа недела министерот очекува да се пушти и втората верзија на апликацијата со дополнителни подобрувања.
– Ова е само почеток. Јас и при самото лансирање реков дека станува збор за нов почеток на односот меѓу државата и граѓанинот. Ме радува што повеќе од 30.000 наши сограѓани веќе ја препознаа апликацијата и се нејзини корисници. Тоа се одразува и врз зголеменото користење на порталот. Очекувам дека во наредниот период, со воведувањето нови услуги и поширокото прифаќање на апликацијата, таа ќе заземе значајно место во односот меѓу државата и граѓанинот – потенцира Андоновски.
За посетата на Бон каде беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот денеска изјави дека најголем дел од разговорите се однесувале на дигиталната трансформација и имале можност да се запознаат со искуствата на Македонски Телеком, особено во областа на сајбер-безбедноста.
– Тие располагаат со центар за сајбер-безбедност, кој ги опслужува компаниите во рамките на групацијата, но и други клиенти низ Европа и светот. Правиме напори вакви инвестиции да привлечеме и во Македонија. Знаете дека државата има удел во Македонски Телеком, а целта е да видиме како ваквите инвестиции и знаења можеме да ги пренесеме и кај нас. Сакаме да создадеме нови компании што ќе се занимаваат со сајбер-безбедност и да им помогнеме на малите и средните претпријатија, вклучително и на учесниците на оваа конференција, да ги зајакнат своите капацитети во процесот на дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени – изјави Андоновски.