Драг мој Лука, лидер на малку кромид не рони солзи!

Сакам отворено да им порачам на моите колеги од СЕММ дека обидот сатирата да се рубрицира како „лажни вести“ и да се проскрибира како општествено зло нема да мине лесно. Има луѓе кои жестоко ќе се спротивстават на тој обид. Јавно. Јас ќе бидам меѓу првите.

8,843

Многу ме растажи одлуката на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во која е утврдено дека текстот на порталот Кооперација под наслов „Средношколец: Сакам да се укинат распустите! Сакаме да учиме!!!“, отстапувал од професионалните и етички стандарди.

Одлуката е донесена по жалба на претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ. Во жалбата, младиот Лука навел дека „текстот содржи неточно и нефер известување, нарушување на приватноста и незаштитена малолетна публика“.






Жалителот објаснил дека најспорен бил начинот на којшто е презентирана веста, иако станувало збор за сатирична содржина. Според него, спорно било тоа што во рамките на содржината била објавена негова фотографија од негово гостување на национална телевизија.

„Значи, станува збор за misleading содржина, т.е. конкретниов запис го наведува читателот во погрешна насока, која не е вистинита. Изборот на фотографија е дополнително проблематичен имајќи предвид дека јас сум малолетно лице, кое се најде на тапетот на нападите директно од страна на најголемата партија во државата, а верувам дека и самиот автор и неговата редакција се свесни дека мошне ретко мнозинството од луѓе сфаќа дека порталот е сатиричен, туку напротив веста се зема здраво за готово“, вели Павиќевиќ во жалбата.

Во тоа „ретко мнозинство“ кое сфаќа дека порталот Кооперација објавува сатирични вести и дека и оваа содржина е сатирична има и еден малолетник. Се вика Лука Павиќевиќ. За кого, видно од неговата жалба, не е спорно дека станува збор за сатирична содржина. Спорен бил начинот, имало misleading и тра-ла-ла …

Тажно е и тоа што лидерот на средношколците смета дека порталот Кооперација е одговорен и за коментарите на Фејсбук по објавата на сатиричната веста, во кои освен говор на омраза, евидентни биле и повици за насилство кон него, па дури и повици за негово убиство.

Во одбрана на порталот Кооперација, вреди да се каже дека во јавноста е општо познато дека станува збор за медиум кој објавува сатирични вести. Плусинфо, на пример, често презема делови од тие вести и со линкови ги води читателите кон изворните содржини, за да ги прочитаат во целост овие кратки сатирични приказни.

Можеби Лука Павиќевиќ е малолетен, но сепак настапува од позиција на средношколски лидер, која не ни дозволува да му припишеме блажено незнаење за некои елементарни факти. На пример, за фактот дека ниту еден портал не може да ги контролира и да ги модерира коментарите на Фејсбук и на тој начин да се справува со говорот на омраза и со другите зла. Павиќевиќ можел да научи дека доколку во некоја објава на социјалната мрежа Фејсбук бил предмет на напади или дури и на закани за убиства, имало и има друг начин како да се справи со сајбер-силеџиството. Во крајна линија, доколку сметал дека заканите се сериозни, редно било да ги пријави во полиција.

Општо земено, ова младо момче, кому и Плусинфо во неколку наврати му има објавено колумни, треба да сфати дека тој веќе е јавна личност, кој артикулира ставови на една социјална група. И во тоа својство, тој веќе не може себеси да се смета за „малолетен“. Зашто, неговите малолетни врсници шетаат по кафулиња, се забавуваат и не се занимаваат со политика како него. Јас не велам дека неговата определба да биде малолетен политичар е лоша работа, но Лука треба да знае дека јавните личности што се занимаваат со политика треба да демонстрираат понизок праг на чувствителност за јавната критика на која се изложени, па дури и за неумерената критика, за навредите и за клеветите. За ова има и соодветни пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Да не може да се издржи „притисокот“ на една класична сатирична вест, објавена од портал кој се занимава со сатира, тоа е знак на слабост и несигурност. Лука, малолетен или не, не смеел да си дозволи со таа своја слабост да се справува вака, на начин што ќе го прикаже како „плачко“ во очите на неговите малку повозрасни колеги во политиката, а веројатно и во очите на неговите врсници.

Тажно е и тоа што Комисијата за жалби при СЕММ подлегнала на жалопојката на Павиќевиќ и донела одлука со која цензурира една очигледна и неспорна сатирична вест. Во таа комисија има медиумски професионалци кои веројатно знаат дека во светот постојат многу слични медиуми, кои објавуваат намерно фабрикувани вести (кромид), како дел од еден сатиричен дискурс кон стварноста. Сакам отворено да им порачам на моите колеги од СЕММ дека обидот сатирата да се рубрицира како „лажни вести“ и да се проскрибира како општествено зло нема да мине лесно. Има луѓе кои жестоко ќе се спротивстават на тој обид. Јавно.

Јас ќе бидам меѓу првите.

Поврзани содржини