Нетипични се европските процедури за Македонија

Јавноста треба да ги знае резултатите од 4-месечното допишување со европските институции, мое и на Гоце Перовски, македонскиот активист од Германија, со кој ги споделуваме европските и зелените вредности, но и горчината за неправдата кон Македонија.

0

Македонската влада бара посредништво од Европската Унија за надминување на бугарската блокада, откако средбата помеѓу двајцата министри за надворешни работи се покажа непродуктивна. Ама бугарската министерка Петрова-Чамова вели: „Нетипично е да има посредници во разговорите меѓу Скопје и Софија“. Па нетипичен е целиот преговарачки пакет за Македонија, скроен по Вашите барања, министерке!

На билатерална средба бевме упатени од Урсула Фон дер Лајен, зашто проблемот бил билатерален. Да, по содржина е билатерален, ама по суштина е европски, зашто ЕУ ` ги прифати на Бугарија сите антицивилизациски негации и го направи нашиот напредок невозможен. Па така нè „претркаа“ и две земји „фронтранери“ – една во крвава војна со неодредени граници и друга аутсајдер, со планови да се влее во соседна држава. Нетипичен напредок, би рекле сите што ги знаат формалните критериуми од Копенхаген. Ама нека им е со среќа, и тие се изнамачени души!






Јавноста треба да ги знае резултатите од 4-месечното допишување со европските институции, мое и на Гоце Перовски, македонскиот активист од Германија, со кој ги споделуваме европските и зелените вредности, но и горчината за неправдата кон Македонија. На 18 јули годинава поднесовме поединечни барања до Европската Комисија и до Советот на ЕУ, за пристап до сите документи поврзани со Вториот протокол, Преговарачката рамка и бугарската изјава за непризнавање на македонскиот јазик (ноември 2021 – крај на 2022). Побарани се и интерни документи со стручно правничко толкување за содржината на документите.

По закон, одговор се добива за 15 работни денови, со можност за пролонгирање за следни 15 дена. На почетокот имав проблем да ме прифатат, но се објаснивме и следеше комуникација со Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST), со серија продолжувања на рокот и објаснување дека работат интензивно со повеќе сектори, за да ми ги испорачаат сите барани документи.

По два месеца од Европската Комисија стигна многу неочекуван и нетипичен одговор: „Со жалење Ве информираме дека DG ENEST не поседува какви било документи што одговараат на бараните во Вашата апликација. Во склад со регулативата, можете да поднесете приговор до Комисијата да го разгледа случајот.“ Се разбира, поднесов приговор со опширно образложение на она што тие самите добро го знаат – токму тој оддел е срцето на целата машинерија за проширувањето и не е возможно да ги немаат документите што ги работеле и комуницирале со други тела за други нивоа на одлучување. Добив впечаток дека професионалците во службите тргнале да си ја завршат работата, но во последен момент, при одобрување од надредените добиле забрана.

Ист таков одговор доби и Гоце Перовски, со таа специфика, што последното одложување му било „поради превод на германски на сите барани документи“, со оглед на тоа што е роден Германец по државјанство. Но, веќе селектираните документи чудесно, нетипично исчезнале. Не можам да знам од која висина дошла забаната, само знам дека Комесарка за проширување е Марта Кос, а Претседателка на Европската Комисија – Урсула Фон дер Лајен.

За разлика од Европската Комисија, Советот на ЕУ со своите служби покажа голема кооперативност и професионалност. На нашите обраќања добивме доста документи, некои веќе јавни, некои ги отворија за јавност по консултации, а 5 докумети прогласија за недостапни за јавност, но ни го дадоа регистарскиот број, насловот на документот и датумот. Сите беа од истиот ден, 17 јуни 2022. За нивната недостапност добивме нетипично образложение: „Објавувањето на информациите содржани во овие документи би ги нарушило односите меѓу Европскат Унија и С. Македонија. Овие документи содржат чувствителни информации наменети за партнерска земја, кои во овој момент не можат да бидат обелоденети. Објавувањето на документите би ја нарушило заштитата на јавниот интерес во поглед на меѓународните односи. Следствено, Генералниот секретаријат мора да го одбие пристапот до овие документи.“

Можам само да претпоставам дека тие документи се клучни за внесување на бугарските барања околу Вториот протокол и Преговарачката рамка, знаејќи дека една недела подоцна, на 23 и 24 јуни, токму протоколот и рамката за Македонија беа разгледувани и усвоени од бугарското собрание. Дури потоа, на 30 јуни 2022 година, Рамката беше усвоена и од целиот Совет на ЕУ, со повикување за „мерливи резултати“ од спроведувањето на Договорот со Бугарија и „годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според член 12“. Протоколот беше потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји малку подоцна, на 17 јули 2022.

Во јавните документи што ги разгледувавме, забележавме редица правно нетипични решенија. На пример, во збирниот документ за писмено гласање на земјите членки од 18 јули 2022, во пакетот од 4 документи се наоѓаат и Заклучоците на Советот и Изјавата на Советот. Во доставените документи го нема Вториот протокол, иако има директно повикување на него како на обврска за Македонија во двата погоре спомнати документа. Тоа е многу нетипично како демократска процедура. Практично, ако ми е точна перцепцијата, сите земји гласале за протоколот, без сите да имаат увид во него. Освен ако не е гласано во некоја друга процедура, при изјаснувањето за некој од оние недостапните документи.

Друга европски нетипична постапка е што во еден ист документ, во Изјавата за отворање на пристапните преговори, се гласало за два сосем спротиставени документа за македонскиот јазик, при што се именувани како „еднострани изјави“ – македонската и бугарската. Притоа, ЕУ „ги зема предвид“ и двете изјави како да се со рамноправна важност – онаа за македонскиот јазик како самостоен, со автохтон историски развој, како и онаа со негово негирање и посвојување како бугарски дијалект и измислица на Тито и Коминтерната. Значи, ЕУ не застанува јасно зад етаблираниот и од ОН признаен македонски јазик, и тоа го прави токму во точката 3 од документот, повикувајќи се на членот 2 од Договорот за ЕУ и „почитувањето на човековото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, почитување на човековите права“!? САМОТО ВНЕСУВАЊЕ на оваа анти-цивилизациска изјава за негирање на нечиј јазик, е флагрантно кршење на сите базични принципи за почитување на човековите права и слободи! И наместо да биде отфрлена, таа Изјава е тука, изгласана како составен дел на нашата рамка. Дали тоа нешто значи и може ли да произведе проблеми во блиска и подалечна иднина? Апсолутно.

Има уште многу нетипични работи во европскиве документи за Македонија, спротивни на европското и меѓународното право, на места дури и на човечката пристојност и солидарност. Како ќе се извадиме од сето тоа? Ние со Гоце ќе продолжиме со граѓанската борба, иако сме свесни дека ова огнено клопче што ни е ставено в раце ги надминува моќите на граѓани поединци. Ова е борба на цела држава и на сите нејзини институции, кои имаат надлежности по овие прашања.

Уставниот суд сè уште ја има својата шанса да го пресече Гордиевиот јазол со прифаќање на Уставната иницијатива за поништување на Вториот протокол со Бугарија, како главна кочница на нашата евроинтеграција. Го чекаме од моето поднесување на 24 јули 2025, па од нивното прифаќање за разгледување на 13 август 2025, еве 1 година и 4 месеци, премногу изгубено време!

Сума сумарум, по сиве 30-годишни потполно нетипични перипетии околу Македонија и нејзиното меѓународно, а сега европско интегрирање, заслужуваме едно ферско посредување од Европската Унија, па макар било и нетипично! Со среќа да ни е, зашто во нетипичниов хаотичен свет, ќе ни треба многу, многу среќа!

Поврзани содржини