ИНСПЕКЦИЈАТА НЕ УТВРДИЛА ПРОПУСТИ ЗА БИЛЈАНА Нема неправилности според надзорот, јавноста бара целосна истрага

Инспекторите утврдиле дека Центарот во Гевгелија побарал забрана за контактирање и приближување на 21-годишниот партнер, а судот ги изрекол мерките на 16 октомври. По нивното изрекување немало пријава за прекршување.

112

Центарот за социјална работа во Гевгелија постапувал во рамките на законските надлежности и побарал заштитни мерки за 17-годишната девојка, но по протестите во Богданци и во Скопје остануваат прашањата за тоа дали институциите направиле сè што можеле за да ја заштитат.

Вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјална работа во Гевгелија не утврдил пропусти во постапувањето на институцијата во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која беше убиена од својот партнер. Според наодите на инспекторите за социјална заштита, Центарот постапувал во рамките на своите законски надлежности и презел мерки за заштита на малолетничката.






Сепак, заклучокот од инспекцискиот надзор не ги стиша барањата на јавноста за целосно расветлување на случајот и утврдување на одговорноста за смртта на девојката. По протестите во Богданци и Скопје, граѓаните и натаму бараат одговори за постапувањето на институциите и за околностите во кои Билјана го загуби животот.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека Центарот за социјална работа во Гевгелија на 2 октомври добил известување од Министерството за внатрешни работи за настан што се случил на 30 септември.

Истиот ден бил контактиран таткото на девојката, а на 5 октомври биле спроведени разговори со него и со Билјана. Од двајцата биле земени изјави на записник, при што таткото дал согласност за поведување понатамошни постапки за заштита на неговата малолетна ќерка.

Наредниот ден, на разговор во Центарот бил повикан и 21-годишниот Виктор. На него му биле посочени последиците од насилното однесување.

По проценката на ризикот, Центарот веднаш поднел барање до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита на девојката. Меѓу побараните мерки биле забрана за закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со Билјана, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри.

Судот на 16 октомври ги изрекол бараните мерки во траење од шест месеци. Од Министерството и од МВР информираат дека по нивното изрекување немало пријава за нивно прекршување.

И покрај тоа, останува отворено прашањето дали постапувањето на институциите било доволно за да се спречи трагичниот исход. Инспекцискиот надзор го оценувал работењето на Центарот во рамките на неговите надлежности, но јавноста бара одговори за целиот тек на настаните што ѝ претходеле на смртта на 17-годишната девојка.

Дополнителни информации се очекуваат и од обдукцијата, чии резултати треба да ги разјаснат причините и околностите под кои починала Билјана Кириќ.

Поврзани содржини