ДАЛИ МУСЛИУ ПРИБИРАЛ ПАРИ ОД ЛУЃЕ НА КОИ ИМ ДАВАЛ БЕЗБЕДНОСНИ СЕРТИФИКАТИ? Стојаноски бара Обвинителството да ја провери поврзаноста на Пендаровски со градежната инвестиција на Муслиу во Влае
Јавното обвинителство треба да провери дали тој господин којшто е сопруг на инвеститорката на таа зграда, можеби дел од тие средства ги има прибавено, или, еве прашувам, дали тие средства ги има прибавено од одредени други дејствија со коишто можеби на одредени припадници на безбедносните служби им дозволил да имаат сертификат на сметка на други, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Јавното обвинителство треба да ги провери сомнежите за евентуална поврзаност на поранешниот претседател Стево Пендаровски со градежна инвестиција на Еролд Муслиу во Влае, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
– Факт е дека сопругата на Еролд Муслиу е инвеститор на таа зграда и исто така е факт дека постојат одредени сомневања за коишто ние прашуваме, дали во истата таа инвестиција учествувал и поранешниот претседател на Република Македонија. Еве поставуваме прашање, тој тоа го демантираше, но сметам дека тука треба органите да проверат дали е тоа така или не – рече Стојаноски во гостување на Радио Лидер.
Во врска со објектот кој се гради во Влае, Стојаноски прашува на кој начин семејството Муслиу има заработено за да си дозволи изградба на ваков станбен објект.
– ЈО треба да провери дали тој господин којшто е сопруг на инвеститорката на таа зграда, можеби дел од тие средства ги има прибавено, или, еве прашувам, дали тие средства ги има прибавено од одредени други дејствија со коишто можеби на одредени припадници на безбедносните служби им дозволил да имаат сертификат на сметка на други, на кои што со лажни службени белешки со н.н. лице, којшто лично тој ги наведуваше можеби им ја одземал можноста да имаат безбедносен сертификат и на тој начин им ја одземал можноста да соработуваат со безбедносните служби или да напредуваат во истите – вели Стојаноски.
Тој се осврна и на случајот со грантовите во вредност од 600.000 евра кои биле доделени од тогашната влада на СДСМ на лица блиски до тогашни високи функционери, меѓу кои директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу и на тогашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи.
– Го повикувам ЈО да го провери тој наод, затоа што ние сме сигурни дека тоа што го кажуваме има вистина, бидејќи кога бевме опозиција ние изнесовме еден скандал во кој што беа инволвирани тогашни двајца високи функционери, Еролд Муслиу како директор на Агенцијата за разузнавање и Фатмир Битиќи како вицепремиер за економски прашања, а лица во нивна непосредна близина, односно нивно потесно семејство, добиле грант од владата од 600.000 евра, тоа е факт – рече Стојаноски.
Пратеникот упати критики кон поранешниот претседател Пендаровски, обвинувајќи го дека и за време на претседателскиот мандат ширел невистинити информации и учествувал во создавање на лажни вести на социјалните мрежи.
– Инаку кога сме за постапување или непостапување од аспект на поранешниот претседател на државата видовме пред неколку дена дека се занимава со создавање лажни вести на социјалните мрежи и прави скриншот и за вести кои се тотално непостоечки, но она коешто го видоа граѓаните сакам да го знаат, дека истото тоа тој го правеше додека беше претседател на државата, освен оговарање и пуштање на муабети и изнесување на лаги и гнасни измислотини, ништо друго и не направи за оваа држава – појасни Стојаноски.
Тој оцени дека Обвинителството треба да ги испита сомнежите за потеклото на средствата вложени во градежни инвестиции од страна на лица кои претходно имаа високи позиции во безбедносните служби.
– Во истиот тој скандал со 600.000 евра коишто тие ги зеле од владата, за кои што овој кој бил вицепремиер имал секакви основи да влијае на одлучувањето, се обиделе 5 дена потоа да ги заташкаат случаите со тоа што се бришеле од сопственичката структура на невладините организации коишто ги добиле тие средства. Да се разбуди ЈО, ги има добиено сите ресурси коишто ги бара и да почне да поставува прашања, бидејќи сè додека ваквите ликови кои што се сива еминенција градат згради од кога ќе завршат со своите разузнавачки кариери во коишто кариери нема ништо добро за безбедноста на државата, имате милион работи коишто се незаконски и да дојдете до средства коишто вас ќе ви генерираат приход или да градите хотел во центарот на Скопје или да градите комплекс згради – рече Стојаноски.