ГО ПРОГЛАСИЛЕ ЛЕНИ КРАВИЦ ЗА МРТОВ, ДУРИ И „ГУГЛ“ ЈА ПРЕНЕЛ ГРЕШКАТА Музичарот не бил во авионот што се урна со 9 лица

Лажна објава на социјалните мрежи го поврза рок-музичарот со авионската трагедија во Флорида, а дезинформацијата стигнала и до информативниот панел на „Гугл“. Неговиот тим ги демантираше гласините, додека пилотката чие име било поврзано со несреќата побара да престанат шпекулациите.

41

Познатиот гитарист и музичар Лени Кравиц мораше да демантира дека загинал во авионска несреќа во Флорида, откако на социјалните мрежи се прошири лажна информација дека славниот рок-музичар бил меѓу деветмината патници и членови на екипажот на приватниот авион „Лирџет 60“, кој се урна во неделата.

Гласините добија толкав замав што „Гугл“ накратко го прикажувал Кравиц како починат во својот информативен панел, пред грешката да биде исправена, објави „Ентертејнмент викли“.






Неговиот тим брзо реагираше, потврдувајќи дека 62-годишниот музичар воопшто не бил во авионот.

– Извештаите се невистинити и неточни – изјави неговата претставничка за односи со јавноста, Карлин Донован.

Една објава ја разгоре лажната вест

Целата забуна започнала со објава на социјалната мрежа Икс, во која била споделена снимка од екранот од наводна порака на 21-годишната пилотка Емили Шелтон.

Во пораката се тврдеше дека Шелтон треба да го превезува Кравиц од Остин, Тексас, до Бахамите, токму на релацијата на која летал авионот што се урнал.

– Голема чест ми е што утре ќе летам со единствениот Лени Кравиц, од аеродромот во Остин до Бахамите. Со нетрпение очекувам да го угостам во авионот. Песната „It Ain’t Over ‘Til It’s Over“ ќе се слуша во пилотската кабина – пишувало во објавата.

Дополнителна случајност што ја поттикнала забуната било тоа што Шелтон претходно станала позната во САД откако во август успешно слетала со авион на автопат во Флорида.

Фото: Принтскрин

Но, таа немала никаква врска со трагичниот лет.

Шелтон се огласи на Тикток, каде што ги демантираше тврдењата дека го управувала урнатиот авион.

– Неодамна дознав дека кружат гласини дека јас сум пилотката на авионот што неодамна се урна во Палм Бич. Сакам со почит да разјаснам дека тоа не бев јас – напиша таа.

Пилотката побара од корисниците на социјалните мрежи да престанат да шират дезинформации и да покажат почит кон семејствата на загинатите.

Авионот паѓал со огромна брзина

Приватниот авион „Лирџет 60“ полетал од меѓународниот аеродром во Остин и летал кон Бахамите, кога во неделата, на 1 ноември, се урнал во станбена област во округот Палм Бич, во јужна Флорида.

Загинале сите деветмина во авионот.

Според информациите од истрагата, екипажот пријавил појава на мраз и турбуленции пред леталото нагло да почне да губи висина.

Авионот во еден момент паѓал со брзина од околу 22.000 стапки во минута, односно приближно 6.700 метри во минута. Истражителите испитуваат дали леталото почнало да се распаѓа уште пред ударот во земјата.

Меѓу загинатите била и 20-годишната копилотка Наталија Гадеља Филгејрас, која пилотската дозвола ја добила уште додека била средношколка.

Ударот создал голем кратер во близина на населба со мобилни домови, а поради пожарите и опасноста на местото на несреќата биле евакуирани околу 600 жители.

Истрагата ја води американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот, со поддршка од Федералната администрација за воздухопловство.

Поврзани содржини