📽️ УНИШТЕНИ 52 ТОНИ АВОКАДО ВО МЕКСИКО Во овошјето наменето за САД било откриено присуство на ларви од штетник

Во Мексико се уништени до 52 тони авокадо поради откриен штетник што ги напаѓа плодовите и дрвјата. Пратката била наменета за американскиот пазар.

1

Големи количества авокадо во Мексико завршија во оган и во земја откако беше откриено присуство на ларви од штетник што ги напаѓа плодовите и дрвјата. Пратките биле запрени пред да стигнат до меѓународниот пазар, а случајот предизвика загриженост во земјата која е најголем светски производител и извозник на ова овошје.

Според извештајот на „Ројтерс“ од 1 ноември, производители од мексиканските сојузни држави Мичоакан, Халиско, Колима и Најарит уништиле до 52 тони авокадо во текот на викендот. Плодовите биле истоварувани од камиони во ископани јами, каде што биле запалени и закопани според протоколите за сузбивање на штетници. Во постапката учествувала и националната агенција за здравствена исправност и безбедност на земјоделските производи, СЕНАСИКА.






Ова се случило во државата Мичоакан, главниот центар на мексиканското производство на авокадо и важен извозен регион. Дел од уништеното овошје потекнувало од Халиско, Колима и Најарит, а било наменето за американскиот пазар. Пратката била запрена пред да стигне до пакувалницата во Уруапан, а потоа била уништена во општината Перибан.

Станува збор за авокадов семенов жижок – инсект чии ларви се развиваат во семката на плодот. Штетникот може да ги напаѓа и гранките и стеблата на дрвјата, а доколку не се контролира, брзо се шири во насадите и може да предизвика големи загуби. Мексиканската агенција SENASICA, меѓу карантински значајните штетници кај авокадото наведува неколку видови жижоци и инсекти што ги оштетуваат семките и дрвјата.

Мичоаканскиот министер за животна средина Алехандро Мендез за „Ројтерс“ потврдил дека штетникот бил откриен, нагласувајќи дека производителите сакаат да спречат негово ширење во насадите. Тој посочил и дека авокадото за кое постоело сомневање дека е заразено не било пуштено во продажба. Засега не е објавена процена за финансиската штета од уништувањето на овошјето.

Мексико е водечки светски производител и извозник на авокадо, а Мичоакан е најважната производствена област во земјата и еден од клучните снабдувачи на американскиот пазар.

Поврзани содржини