СТАВОВИТЕ НА БОГОЈЕСКИ ГО ОХРАБРУВААТ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ Комисијата за заштита од дискриминација да покрене постапка
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да го разгледа постапувањето на телевизијата каде е емитуван разговорот, а Воената академија, каде што Богојески има професорски ангажман, јавно да се произнесе за неговите ставови – побара Мрежата за заштита од дискриминација.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да отвори постапка и да утврди повреда на член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација во врска со јавните изјави на Петар Богојески, претседател на политичката партија Македонски концепт, кој во телевизиско гостување промовираше ставови за „машки надзор” врз жените, побара невладината организација Мрежа за заштита од дискриминација.
Истата организација побара Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да го разгледа емитуваниот разговор и постапувањето на телевизијата во согласност со законските обврски и стандардите за спречување на поттикнување дискриминација и насилство.
Освен тоа, се бара и Воената академија, каде што Богојески има професорски ангажман, јавно да се произнесе за усогласеноста на ваквите ставови со професионалните и етичките стандарди на високообразовна институција.
„Најостро ги осудуваме јавните изјави на Петар Богојески, претседател на политичката партија Македонски концепт, дел од владејачката коалиција, кој во телевизиско гостување на национална телевизија промовираше ставови за „машки надзор” врз жените и го релативизираше насилството во брачните односи.
Ниту еден маж нема право да врши „надзор“ врз жената. Ниту бракот, ниту неверството, ниту повикувањето на традиционални вредности не можат да бидат оправдување за контрола, закани, понижување или насилство врз жените.
Кога јавна личност, универзитетски професор и лидер на политичка партија ја претставува контролата врз жените како машка обврска, тоа не е безопасна изјава. Тоа е порака што може да ги охрабри насилниците, да ги обесхрабри жртвите да побараат помош и да ги зајакне стереотипите според кои жените треба да бидат потчинети.
Но уште позагрижувачко е што овие изјави не се случуваат во општествен и политички вакуум.
Само неколку дена претходно јавноста дозна дека Министерството за образование и наука ја изменило програмата за сеопфатно сексуално образование, отстранувајќи ги поимите поврзани со родот и менувајќи ги содржините преку кои учениците треба да учат за родовите стереотипи, дискриминацијата и односите на моќ.
Дали ставовите што Богојески ги промовира на телевизија се истите ставови што образовниот систем повеќе нема доволно јасно да ги учи децата да ги препознаат како штетни?
Ако девојчињата не учат дека контролата врз нивното однесување не е љубов, грижа или право на партнерот, како ќе препознаат психолошко насилство? Ако момчињата не учат критички да ги преиспитуваат стереотипите за машката доминација, кој ќе им објасни дека достоинството на мажот не се брани преку контролирање на жената или употреба на физичка сила“ – се наведува во соопштението на МЗД.