ЛДП БАРА ВЛАДАТА ДА СЕ ДИСТАНЦИРА ОД КОАЛИЦИСКИОТ ПАРТНЕР БОГОЈEСКИ Неговиот средновековен шовинизам е шлаканица за сите жени!
Воената академија и Министерството за одбрана должат итни одговори пред јавноста – дали вака се обучуваат идните офицери на македонската Армија и дали од нив утре треба да очекуваме тепање на нивните колешки, сопруги, ќерки и сите граѓани – прашува ЛДП.
Некаков средновековен „машки надзор” е скандал од невидени димензии, реагира со огорченост Либерално-демократската партија (ЛДП) на огласувањето на коалициониот партнер на власта Петар Богојевски, лидер на Македонски концепт, на национална телевизија, со отворено оправдување на насилството врз жените.
– Ова е директен атак врз достоинството, слободата и безбедноста на секоја жена во Македонија. Го прашуваме Премиерот да одговори веднаш: дали ова е официјалниот став на Владата и дали токму поради вакви шовинистички сфаќања во сопствените редови со месеци се блокира и не се изгласува законското решение за електронски нараквици за насилниците – прашува лидерката на ЛДП и пратеничка во Собранието Моника Зајкова, која во неколку наврати го предложи законското решение за носење на електронска нараквица за осудените престапници за домашно насилство.
– Особено е алармантно што ваквото дивјаштво го промовира професор на Воената академија ‘Генерал Михаило Апостолски’. Воената академија и Министерството за одбрана должат итни одговори пред јавноста – дали вака се обучуваат идните офицери на македонската Армија и дали од нив утре треба да очекуваме тепање на нивните колешки, сопруги, ќерки и сите граѓани. Токму поради ваквите скриени и потенцијални насилници како дотичниот владин партнер е потребно итно донесување на ова законско решение – вели Зајкова.
Доколку Премиерот, Владата и Министерството за одбрана веднаш јавно не се оградат и не го осудат овој говор на омраза, вели Зајкова, ЛДП ќе ги смета за директни соучесници и главни виновници за секој нов случај на семејно насилство во земјава.