ЗА ПАРИ ИМ МЕНУВАЛ ОЦЕНКИ НА СТУДЕНТИ ОД ТУРЦИЈА Претреси на Универзитетот во Штип, пронајдена голема сума готовина

Полицијата врши претреси во Штип и Скопје поради сомнежи за манипулации со оценки и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“. Во фокусот е раководител на ИТ-секторот.

118

Полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и во Скопје поради сомнежи за долготрајни манипулации со студентски оценки, испитни бодови и досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во фокусот на истрагата е вработен на Универзитетот, раководител на ИТ-секторот, за кого постојат сомнежи дека незаконски интервенирал во електронската евиденција на студентите.

Според информациите, во акцијата учествуваат полициски службеници од СВР Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје и службите за компјутерски криминал.






Неофицијалните сознанија упатуваат на сомнежи дека осомничениот подолг временски период менувал испитни бодови, бришел оценки и овозможувал запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови.

Според истите извори, сомнителните интервенции претежно се однесувале на студенти од Турција, а постојат сомнежи дека за ваквите услуги бил наплаќан паричен надомест.

При досегашните полициски активности, во домот на осомничениот наводно била пронајдена поголема сума пари. Станува збор за првични информации од истрагата, а засега нема потврда за точниот износ, ниту за тоа дали парите се поврзани со делата што се предмет на постапката.

Претресите се во тек. Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за бројот на лицата опфатени со истрагата, евентуални приведувања, ниту за кривичните дела за кои се води постапката.

МВР потврди: Раководителот на ИТ-секторот е осомничен за две кривични дела

Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, во рамки на истрага против раководителот на Информатичкиот сектор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Р.Т., осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување и за оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.

Претресите се вршат по судска наредба, обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, а во акцијата учествуваат полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР.

– Полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т., раководител на Информатичкиот сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип – велат од МВР.

Поврзани содржини