СКАНДАЛ НА НАЦИОНАЛНА ТЕЛЕВИЗИЈА Богојески го релативизираше семејното насилство и побара „машки надзор“ врз жените
Универзитетскиот професор и политички лидер во телевизиска дебата тврдеше дека феминизмот ги натерал жените да го отфрлат „машкиот надзор“.
Универзитетскиот професор и лидер на политичката партија Македонски концепт, Петар Богојески, изнесе контроверзни ставови за жените, брачните односи и семејното насилство во телевизиска дебата на националната Телевизија Алфа.
Неговите изјави отвораат прашања за релативизирањето на насилството врз жените и оправдувањето на контролата врз нив во брачните односи.
Во дебатата со адвокатката Катерина Котеска, водена од новинарката Паола Костадиновска, Богојески го проблематизираше прашањето што претставува насилство во бракот, претставувајќи ја реакцијата на сопругот по неверство како заштита на неговото достоинство.
– Дали е насилство изневерувањето од сопругата? Или е насилство реакцијата на сопругот на фактичката состојба? Тоа неговото не е насилство. Неговото е реакција на заштита на неговото достоинство! – изјави Богојески.
Богојески не прецизираше на каква реакција мисли, но неговото категорично тврдење дека таа „не е насилство“ може да се протолкува како оправдување на агресивно однесување поради брачно неверство.
Котеска му се спротивстави, нагласувајќи дека секој поединец е одговорен за контролирањето на сопствените реакции, независно од однесувањето на партнерот. Таа посочи дека брачните конфликти мора да се решаваат со аргументи, а не со физичка сила или повикување на традицијата според која машкиот збор треба да биде последен.
„Феминизмот ги натера жените да отфрлат машки надзор“
Богојески изнесе контроверзни ставови и за феминизмот и самостојноста на жените.
– Феминизмот е тој кој жените ги направи да се однесуваат на неадекватен начин и да отфрлат било каков машки надзор – изјави тој.
Кога Котеска го праша кој би требало да врши надзор врз неа, Богојески одговори дека тоа треба да биде нејзиниот сопруг, додавајќи дека таквиот надзор е негова „задача“ и „обврска“.
Тој го критикуваше и однесувањето на жени на настан во „Јуроп хаус“ во Скопје, оценувајќи го како девијантно и припишувајќи му го на феминизмот.
– Еве ви доказ како се однесува жена без машки надзор – порача Богојески.
Ваквите изјави промовираат сфаќање според кое жената треба да биде контролирана од мажот, спротивно на принципите на родова рамноправност, лична автономија и еднаквост меѓу брачните партнери.
Каде завршува слободата на говорот?
Особено внимание привлекува фактот што ваквите ставови ги изнесува универзитетски професор и лидер на политичка партија, односно јавна личност со влијание врз општествените ставови.
Македонското законодавство го препознава насилството врз жените како повреда на човековите права. Семејното насилство не се ограничува само на физички напади, туку опфаќа и психичко насилство, заплашување, закани и други облици на загрозување на достоинството и сигурноста.
Брачното неверство не може да биде оправдување за физичко или психичко насилство. Одговорноста за насилничкото однесување ја носи лицето што го врши, независно од постапките на партнерот.
Иако изјавите на Богојески сами по себе не докажуваат дека тој повикува на конкретен насилен чин, тие отвораат прашања за мизогинијата во јавниот говор и за нормализацијата на контролирачкото однесување во партнерските односи.
Слободата на изразување го опфаќа и правото на застапување конзервативни или непопуларни ставови, но јавните личности носат одговорност за пораките што ги испраќаат, особено кога се однесуваат на достоинството, безбедноста и правата на жените.
Професор на Воената академија, лидер на Македонски концепт
Петар Богојески е избран во наставно-научно звање доцент во областа на економијата и бизнисот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, институција што образува идни офицери на македонската Армија. Тој има пријавен академски ангажман и во Европскиот центар за мир и развој при Универзитетот за мир.
Богојески е и претседател на Македонски концепт, партија што е дел од владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
По неговите изјави се отвора прашањето дали ќе реагираат Воената академија, академската заедница и невладините организации што работат на заштита на женските права и спречување на семејното насилство.